| четврток, 6 декември 2018 |

Утревечер „Одредот на отпишаните“ во Скопје – ФХ3Х дел од филмскиот хит

Најновиот научно-фантастичен акциски филм од студиото „Ворнер Брос“, „Одредот на отпишаните“ (Suicide Squad), на чии визуелни ефекти работеше реномираната македонска компанија ФХ3Х во соработка со МПЦ Техниколор од Лондон, премиерно ќе биде прикажан утре вечер во Скопје.

Кристијан Даниловски, ко-основач на ФХ3Х, за ангажманот на популарниот проект изјави дека 100 артисти работеле речиси цела година.

– Го работевме од септември 2015 до јули 2016 и тоа на само 160 кадри, што само по себе зборува за комплексноста на работата, бидејќи тоа во обем на филмот е само 13 минути. Таквата работа не прави уште пољубопитни да го видиме финалното дело, вели Даниловски.

Тој потсетува дека ова не е прв обид да се претстави „Одредот на отпишаните“ на филмското платно.

– Првата екранизација е филмот „Легенди“ („Legends“) на Џон Острандер во 1987, додава Даниловски, кој сепак очекува ова да биде далеку подобар филм.

Режијата е на Дејвид Ајер, а настапува завидна актерска екипа почнувајќи од номинираните за Оскар Вил Смит и Виола Дејвис , оскаровецот Џаред Лето, новата холивудска ѕвезда – Австралијанката Марго Роби и шведскиот актер Џоел Кинаман.

Одредот на отпишаните

Тајна владина агенција ги собира најопасните супер криминалци во светот кои се во затвор, им го обезбедува најмоќното оружје кое е на располагање на владата и ги испраќа во тајна мисија да го спасат светот од непозната, но моќна закана. Офицерот на Американската разузнавачка служба Аманда Валер одредува дека само тајно собрана група од различни, подли и сурови индивидуи, кои немаат што да изгубат ќе одговараат на задачата. Но, што ќе се случи кога тие ќе откријат дека не се избрани за да успеат, туку заради нивната очигледна потрошливост? Дали Одредот на Отпишаните ќе решат да продолжат да се обидуваат макар и по цена на животот, или ќе решат дека секој треба да си ги гледа сопствените интереси? Тимот оперира од Бел Рев, затворот под строг надзор на Валер, која ги држи на ланец кој е всушност експлозивна направа што може да биде детонирана во секое време, се до исполнувањето на мисијата, во замена за олеснување на казните.

Филмот ќе почне да се прикажува од утре во киното Синеплекс во Скопје. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top