Младинската кошаркарска репрезентација на Македонија го заврши настапот на Европското Првенство – Б дивизија со уште еден срамен резултат, откако „црвено-жолтите“ во мечот за 13. место беа демолирани од составот на Белорусија со неверојатни 52 поени разлика. Конечниот исход од 85-33 е само уште еден доказ за огромните чекори со кои од година во година се повеќе заостануваме и зад сосема просечните кошаркарски нации, камоли зад оние кои се дел од самата европска елита.
Неполни 24 часа по вчерашната победа над Словачка, избраниците на селекторот Малинков го одиграа најслабиот натпревар на овој шампионат, дозволувајќи да бидат демолирани од селекција како Белорусија, која ќе го освои 13. место на ова Европско Првенство – Б дивизија што се одржуваше во Халкида, Грција.
Самиот почеток и експресното водство на противникот од 14-0 беше најава на дебаклот на македонските кошаркарски надежи. Првата четвртина заврши со резултат 24-4, а очајниот напад продолжи и во вториот дел, во кој Македонија постигна само пет поени (19-5), па на одмор се замина со преубедливи 43-9. Третиот период беше единствениот во кој македонските младинци постигнаа двоцифрен број на поени, „дури“ 15, губејќи го овој дел од мечот со 20-15, за Белорусија повторно да доминира во последните десет минути за конечна победа од преубедливи 85-33.
Во ваква мизерна партија не може да се издвои ниту еден македонски кошаркар кој би добил преодна оцена, како и за целокупниот настап на шампионатот на кој „црвено-жолтите“ на крајот го освоија 14. место со две победи и пет порази.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.