Низводно Вардар во близина на мостот под Гевгелија попладнево стигнаа учесниците во Вардарската регата „Гемиџии“ 2016 кои од Велес под Мало Мовче запловија на 30 јуни. На последната етапа по Вардар по традиција претпладнево им се приклучи и велешкиот градоначалник Славчо Чадиев, а добредојде им посака Иван Франгов градоначалник на Гевгелија.
Во Вардарската регата „Гемиџии“ 2016 по Вардар со десет гумени чамци и една дрвена гемија реплика по примерот на онаа со која во 19 и почетокот на 20 век по Вардар натоварени со стока пловеле велешките трговци, годинава учествуваа 120 учесници – од Извидничкиот одред „Димитар Влахов“, припадници на АРМ и на Воената полиција, на МВР, Црвен крст и вработени во јавните претријатија, како и гости од Србија и од Црна Гора.
Владо Стојановски, еден од највозрасните и најредовни учесници на Вардарската регата „Гемиџии“ во изјавата за медиумите информира дека регатата годинава поминала во најдобар ред без никакви инциденти и повреди на учесниците.
– Вардар за разлика од лани кога беше со висок водостој, годинава беше со среден водостој и беше добар за пловидба. Но, поради обилните врнежи имаше многу стебла на јасики и гранки кои требаше вешто да ги избегнеме за да не се превртат чамците. Инаку во текот на пловидната, најинтересен и најубав е третиот дел од пловидбата по Вардар, односно на потегот од Демир Капија до Марвинци, потенцира Стојановски.
Велешкиот радоначалник Славчо Чадиев рече дека поради успешноста на регатата „Гемиџии“ Општина Велес и понатаму ќе ја финансира и оти се надева дека во скоро време во заеднички меѓуграничен проект со соседна Грција ќе се овозможи Вардарската регата да плови се’ до Солун на вливот на Вардар до Егејско море, до целта каде со дрвените гемии натоварени со стока стигнувале велешките трговци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.