Театарот за деца и младинци (ТДМ) ја подготува претставата „Пепелашка“ од Шарл Перо, во режија на Деан Дамјановски и драматизација на Горјан Милошевски. Премиерата е закажана за 22 јуни, среда.
„Пепелашка“ на Дамјановски поаѓа од бајката на Шарл Перо, Браќата Грим и користи мотиви од некогашната адаптација на „Дизни“.
– Тоа е претстава за двајца зрели сонувачи: од една страна, Пепелашка, која не може да се помири со потребата за богатство на Маќеата и полусестрите Анастасија и Дризела. А од друга, Принцот кој сака сам да ја избере својата жена, наспроти традиционалните погледи на својот татко- Кралот. И двајцата силно мечтаат за вистинската љубов која на крајот и ќе ја најдат – велат од Театарот.
Претставата се базира врз авторскиот поглед на младиот драмски автор Горјан Милошевски , изведен според режисерската визија на Деан Дамјановски и надограден со актерската игра на Наташа Петровиќ (Пепелашка) и Ненад Митевски (Принцот), Катерина Илиевска- Силјановска (Маќеата), Симона Спировска (Анастасија), Емра Куртишова (Дризела), Мартин Јорданоски (слугата Меклелеј), Бојан Кирковски (глушецот Попс), Владимир Лазовски (Кралот), Ана Левајковиќ (самовилата Мирабел), Марија Ѓорѓијоска (глувчицата Бабл) и Мики Анчевски (песот Бакстер). За автентичноста на претставата огромен придонес имаат и раскошните костими на Елена Дончева, сценографски асоцијативната визија на Кирил Василев, авторската музика на Сашко Костов, како и разиграната кореографија на Кренаре Невзати.
– Ликовите на Пепелашка која не губи верба, Принцот кој не престанува да ја бара вистинската љубов, злобната Маќеа, двете полусестри кои луто се караат која е поубава, Кралот кој сака само да го жени принцот, расеаната, добра и весела Самовила, несмасните и симпатични животни и еден Слуга кој прави глупост само што ќе мрдне со малото прсте, влетуваат во брз сплет на смешни, стрмоглави и неизвесни случки со среќен крај. Надежта дека љубовта доаѓа, вербата која секој ден ја чека среќата, тоа се победниците во Пепелашка“ – велат од Тетарот за деца и младинци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.