Претставата „Соларис“ на Македонскиот народен театар (МНТ), во режија на украинскиот режисер Андриј Жолдак, денеска ќе ја има својата светска премиера на фестивалот „Винер фествохен“ („Wiener Festwochen“) во Виена. Фестивалот се јавува како копродуцент во претставата во која настапува актерската екипа составена од: Дарја Ризова, Дејан Лилиќ, Александар Ѓорѓиоски, Славиша Кајевски, Драгана Левенска, Александар Михајловски, Борче Начев, Софија Наевска-Трифуновска, Арна Шијак. Режисерот Жолдак, кому ова му е втора соработка со МНТ по „Електра“ во 2014 година, е автор и на сценографијата на „Соларис“ заедно со Моника Пормале од Летонија. Костимограф е Даниел Жолдак, а музиката е на Владимир Кликов. Претставата се поставува според истоимениот филозофски и научнофантастичен роман на Станислав Лем, чии најпознати филмски екранизации се во 1972, во режија на Андреј Тарковски и на Стивен Содерберг во 2002 година. „Соларис“, а најавено е дека скопската публика претставата ќе може да ја види во септември.
„Винер фествохен“ се одржува пет или шест седмици во мај и јуни, а на фестивалот гостуваат проекти од различни жанрови и режисерски пристапи од европскиот и светскиот театар. А покрај драми, опери и балет, на него се одржуваат и мјузикли, танцов театар, мултимедијални претстави, необични перформанси, средби, дебати, изложби, инсталации и концерти на отворено. Фестивалот свечено беше отворен на 13 мај, а ќе трае до 19 јуни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.