| четврток, 6 декември 2018 |

Вардар ја одбрани титулата, младиот состав на Металург достоен противник

vardar 1

Ракометарите на Вардар се старо-нови шампиони на Македонија во ракомет за мажи, откако на две кола до крајот на плеј-офот успеаа да направат предност недостижна за останатите тимови, пред сите за Металург. Како и девојките пред два дена, така и ракометарите на Вардар на теренот на ривалот од Автокоманда ја прославија титулата со победата од 21-24 (8-12).

Во „дербито“ меѓу двете водечки екипи, младиот состав на Металург се обиде колку-толку достојно да му се спротивстави на посилниот противник. Но, засега сепак, крајниот дострел на овој тим на Металург е борбата за вицешампионската титула.

Металург резултатски беше во игра во првите дваесет минути од натпреварот. Последното изедначување на натпреварот беше на 4-4 во 12.минута. Арпад Штербик на голот на Вардар беше несовладлива пречка за нападот на „металурзите“ . Голманот на „црвено-црните“ запиша пет одбрани уште во првите седум минути од натпреварот. Посилната офанзива на Вардар почна на среднита од првиот дел кога со серија од 3-0 прв пат се одлепија на + 3 (4-7).

vardar 2

Филип Талески со серија на голови се обиде да парира, но Македа и Дибиров до одморот донесоа максимална предност од +5. Крушевчанецот со гол во последната минута од полувремето пак го совлада Штербик за 8-12 на полувреме.

Во исто темпо, без резултатска неизвесност продолжи и второто полувреме. Вардарци ја одржуваа предноста од 4-5 гола, а реализацијата во нападот на Металург и понатаму беше главно преку расположениот Филип Талески. Следеше период на одлична игра на Металург, кој со голот на Пешевски се доближи до 16-18 и Раул повика тајм-аут во 46. минута. Но, Вардар и со човек помалку даде два гола преку Манасков и се врати на подносливи +5.

vardar

И покрај големата желба на подмладениот Металург, квалитетот и долгата клупа на Вардар му донесоа мирен финиш и победа од 21-24 без треперење.
Филип Талески со девет гола беше прв стрелец на Металург и најефикасне играч на натпреварот. Кај Вардар, Алекс душебаев постигна шест, а Игор Карачиќ додаде пет гола. Арпад Штербик запиша 18 одбрани на голот на Вардар,, од кои два одбранети седмерци. На спротивната страна, Даниел Дупјачанец имаше четиир одбраи во првиот дел, а во второто полувреме, на голот на Металург одново блесна младиот Мартин Томовски кој како и на првиот меч во „Јане Сандански“ ги собра симпатиите на публиката и запиша седум одбрани.

На осум одиграни натпревари во плејофот, Вардар е на првата позиција со 24 бода, а Металург е на втората позиција со 18.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top