Со одлуката за аболиција од 12 април донесена од претседателот на државата се поткопува владеењето на правото и принципот на одговорност. Оваа аболиција не само што му нанесе штета на владеењето на правото во Македонија, туку и на кредибилноста на Македонија како земја која се определила да се интегрира во евроатлантските институции. Многу е важно лидерите итно да деjствуваат за да се поправи штетата предизвикана од оваа аболиција и тоа да го направат на јасен, целосен и недвосмислен начин и што е можно поитно.
Ова го изјави заменик-помошникот на државниот секретар на Стејт департментот Хојт Брајан Ји по дводневните средби и разговори со политичките лидери во државата, за време на посетата посветена за изнаоѓање решение за излез на земјата од политичката криза. Тој нагласи дека сите негови средби и разговори вчера и денеска биле за одлуката за аболиција од 12 април.
Доколку лидерите ја отповикаат аболицијата делумно или на селективен начин, тоа ќе придонесе за зголемување на чувството за неказнивост во земјава и за недостиг на одговорност. Одговорноста подразбира и тоа лидерите на партиите да дадат целосна поддршка на институциите во земјата одговорни за владеење на правото, вклучувајќи го и Специјалното јавно обвинителство. Сѐ додека постои одговорност во однос на тврдењата за незаконски дејства поврзани со материјалите од прислушувањето, како и за други кривични дела, Македонија ќе остане заглавена во оваа криза и нема да биде во можност да постигне напредок кон нејзините најважни цели што подразбира напредок во однос на евроатлантските интеграции, подвлече американскиот дипломат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.