Екипите на Вардар и Шкендија попладнево на арената „Филип Втори“ во Скопје го играат големото дерби од Првата македонска фудбалска лига.
Двата тима се издвоија уште од самиот старт на шампионатот како најсериозни кандидати за освојување на титулата и затоа овој дерби дуел носи посебен шмек бидејќи Вардар има само дава бода предност на врвот на табелата.
Со евентуален триумф на Вардар повторно актуелниот шампион ќе дојде на пет бода предност на табелата на пет кола до крајот од пелјофот.
Ќе има и уште едно дерби со Шкендија во Скопје, но, сепак, предноста би била значителна, а најтрофејниот клуб би ставил веќе рака на шампионскиот трофеј.
– По неочекуваниот пораз во Кратово, изминативе денови работевме навистина вредно и се обидуваме да се вратиме на правиот пат, по кој сигурно чекоревме цела пролет. На дуелот со Силекс едноставно немавме свој ден и на крајот несреќно го доживеавме единствениот пораз во пролетната полусезона. Сега играме против единствениот конкурент за титулата и ќе дадеме сѐ од себе за повторно да го насочиме кормилото кон победничкиот колосек. Свесни сме дека нема да биде лесно, бидејќи Шкендија има квалитетен тим кој заслужува почит, но нашата цел е да ги вратиме оние пет бодови позитива, во пресрет на натпреварите од плеј-офот во Првата лига – истакна Никола Глигоров, играчот од средниот ред на Вардар, за официјалниот клупски сајт.
Тој ја открива и стратегијата на Вардар. Храбро, одважно, борбено до максимални граници.
– Противникот има креативен среден ред и опасен напад, а Арменд Алими е еден од клучните играчи во нивниот состав. Меѓутоа и ние имаме наши квалитети, кои ќе се потрудиме да дојдат до израз на утрешното дерби. Треба да бидеме цврсти во дуелите и машки да се бориме за секоја педа од теренот, без разлика дали напаѓаме или се браниме. Доколку играме тимски, како што му долкикува на еден шампионски колектив, тогаш уверен сум дека ќе ги исполниме сите тактички задачи поставени од нашиот стручен штаб – додава Глигоров.
Двојки Прва лига – 27.коло (16 Ч.)
Вардар – Шкендија
Брегалница – Работнички
Младост ЦД. – Шкупи
Ренова – Металург
Хоризонт Т. – Силекс
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.