Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најави специјалниот гостин на годинашниот Саем на книгата-Гилјермо Мартинес, најпреведуваниот аргентински писател на XXI век и еден од најчитаните аргентински писатели во моментов, познат како автор на Оксфордски убиства, роман што беше вистинска сензација во Аргентина, Шпанија, Велика Британија, САД, и според кој беше снимен истоимениот холивудски хит со Џон Харт и со Илајџа Вуд во главните улоги.
„Антолог“ досега има објавено четири од книгите на овој писател со исклучителен прием од страна на читателите. Повод за оваа посета е токму огромниот интерес за делата на Мартинес, но и новообјавениот мистичен трилер Бавната смрт на Лусијана Б., во превод на Огнена Никуљски. Промоцијата на книгата и средбата со авторот ќе се одржат на 14 април, со почеток во 17 часот, на штандот на „Антолог“ во Метрополис арена.
– Огромна е радоста што во Скопје и во Македонија го доведуваме Гилјермо Мартинес, чии книги се дел од нашата преводна програма уште од самите почетоци. Лично ќе ми се оствари можеби најголемата книжевна желба, бидејќи за мене Мартинес е една од најинтересните појави, со интригантен стил што е достапен секому, но со толку напластени слоеви што може да му позавидат сите книжевни мајстори. Воодушевувачкиот кус роман Жената на маестрото го објавивме во 2009 година. Неговиот успех нèпоттикна да го преведеме и За Родерер следната година. Во 2013 година се појави и преводот наОксфордски убиства, кој со години е меѓу најпродаваните наслови на скопскиот Саем на книгата. Годинава пред читателите се најде и Бавната смрт на Лусијана Б., кој очекуваме во најмала рака да ја повтори читаноста на Оксфордски убиства. Но, освен книгата, овој пат македонските читатели ќе имаат можност да се сретнат лично со авторот, на чие гостување работевме веќе неколку години – вели Жарко Кујунџиски, главен уредник во „Антолог“.
Гилјермо Мартинес (Guillermo Martínez) е роден во 1962 година во Баија Бланка, град во покраината Буенос Аирес. Почнал да пишува под влијание на татко му Хулио Мартинес, агроном, фармер, шахист и страстен читател, кој одбивал да купи телевизор дома за да може младиот Гилјермо доволно време да поминува со книгите. Дипломирал математика во родниот град, а докторирал математичка логика во Буенос Аирес, по што заминал на постдокторски студии во Оксфорд, Британија. Со помош на стипендии и на грантови извесен период престојувал на писателски резиденции во Канада, Соединетите Американски Држави, Италија. Бил гостин професор на многу факултети во Европа, САД и во државите од Латинска Америка. Живее во Буенос Аирес со сопругата и со ќерката. Игра шах и тенис.
Автор е на десет книги, од кои половината се романи. Неговата окупираност со математиката и со логиката се одразува во објавените книги есеи Борхес и математиката (2003), Формула за бесмртност(2005), Годел за секого (2009). Автор е и на збирките раскази Големиот пекол (1989) и Одбивна среќа(2013), за која ја добил наградата „Габриел Гарсија Маркес“ во 2014 година, едно од многуте високи книжевни признанија во неговата биографија. Неговите дела се инспирирани од: Борхес, Хенри Џејмс, Кафка, Томас Ман, Гомбрович, Казанова, Дарел, Толстој. Преведен е на 40 јазици.
Ова ќе биде прво гостување на еминентниот аргентински писател во Република Македонија. И покрај кусиот престој, тој инсистира на туристичко разгледување на главниот град.
Покрај оваа промоција, од „Антолог“ за годинашниот Саем на книгата најавуваат богата, речиси фестивалска програма, со која ќе се одбележи и 17-годишнината од постоењето.
– Од лани досега на своите читатели им нудиме 100 нови наслови и големи попусти од 10 до 70 проценти. Под мотото „Читај, патувај, уживај!“, секој саемски ден испишуваме различна приказна на нашиот штанд. Најавуваме промоции и гостувања на автори и многу изненадувања и подароци за сите што ќе нè посетат и ќе ги збогатат своите библиотеки со некој од нашите наслови – додаваат од ова книгоиздателство.
12 април, вторник – Ден на европската литература
Промоција на книгите што се добитнички на Европската награда за литература, објавени со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. За секој купен пакет наградени книги читателите ќе добијат подарок книга.
„Антолог“ започнува и нов проект, во кој ги охрабрува читателите да напишат песна или расказ инспирирани од некоја поранешна случка и да ги остават во специјалната Кутија на спомени на штандот или да ги испратат на адресата kutijanaspomeni@gmail.com.
Најинтересните творби ќе бидат објавени во електронското списание за култура и уметност „Репер“ (www.reper.net.mk).
Првиот саемски ден ќе го затвориме со ДЏ-сет со Ивица Димитријевиќ од 17.00 до 20.00 ч.
13 април, среда – Лето со книга!
Промоција на Трач, бестселерот на „Њујорк тајмс“, од „кралицата на летните романи“, Елин Хилдербранд. Оваа емотивна сага е одлична книга за опуштање и за уживање. За секој купен примерок од книгата следува купон за гратис пијалак во подвижниот кафе–бар „Номад“, кој ќе биде поставен пред Метрополис арена од 15 до 20 часот.
14 април, четврток – гостување на авторот на „Оксфордски убиства“
Од 17.00 до 18.30 часот ќе биде промовирана книгата Бавната смрт на Лусијана Б., најновиот роман наГилјермо Мартинес. Посетителите на штандот ќе имаат можност да добијат потпис на која било од неговите книги или да одберат еден од пакетите на најпреведуваниот аргентински автор во моментов.
15 април, петок – Ден на трилерите
Промоција на новите трилери во издание на „Антолог“ и пакети со трилери од целиот свет. За опуштање пред викендот, и овој ден го затвораме со „afterwork“ ДЏ-сет со Wiseman & Kryptonite од 17.00 до 20.00часот.
16 април, сабота – Ден за македонските писатели, 10 часа – 10 писатели
На штандот на „Антолог“ гостуваат и ќе потпишуваат книги автори од повеќе генерации: ДаркоАнгеловски, Meрсиха Исмајлоска, Владимир Јанковски, Елена Конеска, Милчо Мисоски, КатеринаЏатева, Биљана Стојановска, Адријана Ананиева, Ања Кузмановска.
Истиот ден, во Промотивниот центар при Скопски саем, со почеток во 13.00 часот, ќе биде промовиранакнигата Завет за Македонија од Ставре Џиков. Промотори на книгата ќе бидат доц. д-р Теон Џинго иЛенче Смилевска.
17 април, недела – Ден на литературата за деца
Овој саемски ден е посветен на најмалите.
Од 11.00 до 12.00 часот организираме дружба со писателите на книги за деца: Велко Неделковски, Александар Кујунџиски, Саво Костадиновски и Жарко Кујунџиски.
Терминот од 12.00 до 13.00 часот е резервиран за читање приказни со актерката Лабина Митевска.
Сите заинтересирани може да ги пријават своите дечиња на возраст од 2 до 7 години наkristina@antolog.mk за да уживаат во интерпретацијата на најубавите приказни за деца. Бројот на места е ограничен.
18 април, понеделник – Happy day
На последниот саемски ден ќе биде промовирана „Приказна за бојата“ од Ана Андроска, оригинална македонска боенка за возрасни.
Во соработка со Канадскиот уметнички совет посетителите на саемот ќе може да го набават и пакетот „Читајќи ја Канада“ со попуст од 50%, за кој ќе добијат и подарок книга поезија, во чест на Маргарет Атвуд, годинашната добитничка на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.
Организацијата на архитектонското решение на штандот е на архитектот Филип Конески, со илустрации на ликовната уметница Ана Андроска.
Книгоиздателство „Антолог“ првпат основано на 7 јули 1999 година, од страна на македонскиот писател Александар Кујунџиски. Овој датум истовремено e формален почеток на една дамнешна бизнис-идеја, но и продолжение на една долга и разновидна уметничка традиција. Сè до 1903 година, во семејното стебло на Кујунџиски се впишани неколку генерации златари-кујунџии, чии филигрански ракоделија денес се втопени во морето на креативниот гениј на македонскиот народ. Хуморот, сликарството, актерството, уметничката фотографија, исто така, се дел од меморијата и оставината на Кујунџиски. Но, Зборот е оној што отсекогаш бил наша првична и основна инспирација. Зборот преточен во книжевност, belles-lettres…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.