Со одигрувањето на првите натпревари кои почнаа уште во 10 часот, денеска и официјално беше означен почетокот на пролетната полусезона во Вардар Јуниор лигата
На фудбалскиот терен во населбата Јане Сандански, каде што се одржува премиерниот пролетен турнир, беа присутни сите 11 екипи со своите генерации на момчиња, родени од 2003 до 2006 година, кои претстојнава пролет ќе се натпреваруваат во нашата Јуниор лига.
Задоволство од досегашниот тек на настаните изрази координаторот на Јуниор лигата, Павел Неделковски.
„Со оглед на тоа што денеска е првиот ден од пролетната полусезона во Вардар Јуниор лигата, ние како организатори на турнирот сме презадоволни, бидејќи е прекрасно на едно место да се видат толку голем број на млади и талентирани дечиња, од целата татковина. Резултатите на ваквите турнири во младинските категории ние секогаш ги ставаме во втор план, со оглед на тоа што најважно е децата да се дружат и забавуваат додека играат фудбал. Меѓутоа, дечињата како и секогаш сакаат да победуваат. Водени од таа нивна искрена детска желба, мора да признаеме дека мотивацијата кај нив е највисокото можно ниво. Сите сакаат да се покажат во најдобро светло пред тренерите и скаутите на нашите младински екипи и тоа придонесе да проследиме неколку возбудливи и до самиот крај неизвесни натпревари“, нагласи Неделковски.
Дел од денешниот турнир беше и организацијата „Отворени Забавни Фудбалски Школи“, која преку своите активности и содржини, на целиот настан му го даде и неопходниот социолошки карактер. По завршувањето на натпреварите, момчињата од сите екипи преку разните друштвени игри со фудбалската топка, стекнуваат нови пријателства и го градат тимскиот дух.
„Ние како организација постоиме за децата од овие помлади возрасни категори, уште од мали нозе да ги инфицираме со ‘вирусот’ наречен спорт. За нас најбитно е дечињата да бидат спортски активни и раздвижени, независно дали тренираат фудбал, ракомет, кошарка или некој од останатите спортови. Тоа влијае позитивно на нивното физичко и ментално здравје. Преку нашите игри за дружење и забава, на момчињата им даваме можност да ја покажат и нивната креативност. Притоа имаат можност да се запознаат со нивните соиграчи од останатите регионални единици, кои учествуваат во овој проект на ФК Вардар. “, изјави асистентот во „Отворените Забавни Фудбалски Школи“ Дарко Стојковски, кој има одиграно преку 250 натпревари за првиот тим на Вардар, а своевремено ја носеше и капитенската лента.
Беа потпишани договори со новите регионални единици од Прилеп, Велес и Пробиштип, кои денеска дебитираа во Вардар Јуниор лигата. Исто така, на тренерите од сите екипи им беа доделени и неопходните спортски реквизити, за нормално одвивање на тренажниот процес во нивните школи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.