Екипата на Вардар во драматичен финиш во второто полуфинале од фајнал-форот во СЕХА-лигата што се игра во Вараждин успеа да слави тесна победа над ППД Загреб од 26-24 и да закаже меч во финалето против Веспрем кој претходно славеше по изведувањето на пенали над Мешков Брест.
Македонскиот шампион за само три недели ќе игра три натпревари против Веспрем, неделниот во финалето од СЕХА-лигата и потоа уште два во четвртфиналето од Лигата на шампионите.
Во денешниот дуел против ППД Загреб уште почетните минути Вардар воспостави одлична тактика врз натпреварот, Раул Гонзалес постојано беше чекор пред својот ривал Веселин Вујовиќ и тоа резултираше со криза во нападот на Загреб без постигнат гол цели 13 минути.
Вардар стигна до предност од 4-1 која умешно ја сочува до крајот на првото полувреме (12-10). Во првите 30 минути стратегот на загрепчани Веселин Вујовиќ се обиде со повеќе начини да го спречи нападот на „црвено-црните“, но тоа не вроди со плод.
На паузата беше 12-10 за црвено-црните, но на влезот од вториот дел натапи најпроблематичниот период од мечот. Загреб прво врза три гола по ред, а потоа таа серија се протегна до 6-2 и во 37. минута беше 16-14 за домаќинот. Меѓутоа Раул направи промена, ја постави одбраната во 5-1 формација и Вардар почна да се враќа, прво со низа од 3-0, а потоа со уште една серија од 4-1 за да поведе со 23-20 во 56. минута.
Кон крајот натпреварот влезе во судиски хаос, со неколку нејасни одлуки, поништени голови и притисок од домашниот табор, но Вардар ништо не можеше да го задржи на патот до победата. Дејан Манасков беше најефикасен во македонскиот тим со шест од шест, Душебаев постигна пет, а Циндриќ четири гола, додека кај Загреб Златко Хорват предводеше со шест гола, Павловиќ, Шебетиќ и Контрец имаа по четири.
Финалето се игра в недела со почеток од 19.00 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.