На местото наречено „Под јаворите“ во Стар Дојран, деновиве официјално почна манифестацијата „Дојран – град на културата“, која оваа општина во југоисточна Македонија ќе ја носи во текот на целата година. Се упативме на југот на Македонија. До Дојран се стигнува преку два магистрални патишта: првиот е преку Валандово и селата Раброво, Собри, Чалакли, Дедели, Фурка, Ѓопчели и Црничани, а вториот е преку Гевгелија. Без разлика по кој пат се патува, важно е дека се стигнува во еден важен историски град, град кој плени со својата смиреност, тишина, убавина и со својата едноставност. Пред нас се појави Прасијас – некогашната населба на Пајонците, кои живееле во наколни живеалишта наречени „тера маре“ и уште тогаш ловеле риба на специфичен начин. Името Дојран го носат трите населби кои се разместени околу Дојранското Езеро: Стар Дојран, Нов Дојран и селото Дојран. Она што остава најголем впечаток од овој град е тоа што веднаш се насетува дека времето оставило многу траги од минатото.
– На 100 метри југозападно од денешниот хотел „Јака“ се наоѓаат урнатините на единствената бања во градот Дојран позната како „Амам“ – турски збор за бања. Не се знае кога е изградена, но се зборува дека секој ден работела и тоа сè до 1916 година кога била разурната. Се знае дека се состоела од повеќе простории од кои едни биле за жени, а други за мажи, а во секоја просторија имало и чешми. Водата до бањата била носена преку ќерамидни цевки од месноста Дере-Баш, која се наоѓа два километри западно од Дојран. Водата се загревала со дрва (ќумур) во казан и тоа во посебна просторија, а потоа течела во чешмите од кои се миеле граѓаните. Во бањата оделе граѓани од сите националности, а најинтересно е тоа што за идните невести имало посебна церемонија и оделе на посебно моминско бањање, ни раскажаа мештаните.
Поради специфичната местоположба во текот на историјата Дојран бил повеќепати разурнуван. Последното катастрофално разурнување се случило во текот на Првата светска војна, кога Дојран се наоѓал на линијата на Македонскиот фронт или попознат како Јужен или Солунски фронт. Всушност, една од најголемите битки на Македонскиот фронт била битката за Дојран. Како резултат на борбите водени на територијата на Дојран, градот целосно бил уништен, жителите се раселиле, а и денеска потомци на тогашните жители можат да се најдат и во соседните држави Бугарија и Грција. Како најголема воена рана се смета уништувањето и пљачкосувањето на прекрасната црква „Св. Пророк Илија“. Ја посетивме црквата која се наоѓа на влезот на Дојран на преубава местоположба. Дознавме дека возобновувањето на црквата почнало пред неколку години, а сега веќе е во завршна фаза. Планирано е на 100-годишнината од нејзиното уривање (во 1916 година во текот на Првата светска војна), на 2 август 2016 одново да биде осветена.
Следна дестинација ни е брегот на езерото. Прошетката ни годеше и покрај ветерот што ги натера посетителите и покрај сончевото време да облечат топла облека. Водата повторно се враќа во езерото, се ревитализираат плажите, а рибарите се враќаат во Дојран. Во ова најмало езеро, но најбогато со риба, секојдневно се лови сом, крап, костреш, црвеноперка. Поголемиот дел од површината на езерото е прекриена со птици кои неуморно ловат риби за да се прехранат самите, за да ги прехранат своите малечки, но и за да им помогнат во риболовот на многубројните риболовци. Овој традиционален начин на ловење риби со помош на птици во огради од трски, т.н. мандри, се одвива само во Дојран и на ниту едно друго место. Природата овде е многу дарежлива. Топлата клима овозможува изобилство на медитерански растенија во дворовите на дојранчани. На секој чекор виреат калинки, смокви, но сретнавме и маслинки со извонреден квалитет.
Покрај езерскиот брег има многу ресторани кои ги подготвуваат локалните специјалитети. Мештаните велат дека порано во градот, уште за време на турското владеење, имало околу 25 кафеани лоцирани на езерскиот брег. Поголемите кафеани имале и летни бавчи, со тераси до езерото, а некои од терасите биле и над езерската вода. Дојран е познат и по специфичните специјалитети, што е убава навика за зачувување на роднокрајниот идентитет, на самобитноста и на националниот белег. Дојранското кулинарство од дамнина до денешни денови претставува ризница, богатство од непроценлива вредност која е инспирација за денешните домаќинки, уметност која треба да се чува и да се заштити, почнувајќи од надалеку чуениот дојрански крап, рибја чорба, плескавица од икра или како што мештаните милуваат да ја кажат „лангида“, риба тава, риба на трска, фригана риба и многу други специјалитети кои ги има во изобилство.
Голем дел од овие специјалитети ќе бидат претставени на „Гурманфест“, кој заедно со низа културни активности, театарски претстави, ликовни изложби, книжевни настани, концерти на класична, забавна и на народна музика и други културни настани ќе биде дел од програмата „Дојран – град на културата“.
– Се наоѓаме на првата страница од една книга која верувам дека заеднички прекрасно ќе ја напишеме. Публиката ќе има можност да види уметност од сите жанрови. Сите вкусови ќе бидат задоволени и сечии сетила разбудени. Дојран е градот каде што треба да бидете годинава. Ќе се обидеме со оваа манифестација, впрочем како и досега, да изградиме културни мостови, постојано и одново, докажувајќи дека грижата за уметничките вредности е од големо значење како за Дојран, така и за државата, ни рече градоначалникот на Дојран, Борче Стамов.
Го напуштивме Дојран, но со себе понесовме дел од топлината на езерото и на луѓето, а длабоко некаде и уверувањето дека мора да се вратиме барем уште еднаш.
Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 186. број на неделникот „Република“, 25.03.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.