Екипите на Вардар и на Шкендија забележаа очекувани победи во рамките од 22. коло од Првата лига, лесно триумфирајќи над најслабите тимови во шампионатот, Младост Царев двор и Металург.
„Црвено-црните“ рутински славеа во Охрид над Младост со 0-3 со головите на Ќеран (од пенал), Николов и Хамбарџумјан. Фудбалерите на Младост, кои пред неколку дена бурно реагираа на смешно досудениот пенал против Шкендија, повторно имаа замерки за судискиот критериум, за пеналот при првиот и евентуален офсајд при третиот погодок за својот тим.
Шкендија без никакви проблеми го совлада Металург на гостински терен со убедливи 0-4. Победата на тетовскиот клуб во ниту еден момент не беше доведена во прашање, Радески постигна два гола против својот поранешен клуб, а по еднаш меѓу стрелците се запишаа Тотре и Алими.
Шкупи во интересен дуел го совлада Силекс со 1-0 со погодокот со глава на Филип Петровски на самиот почеток од второто полувреме.
Брегалница триумфираше во пресметката со Хоризонт со 2-0, казнувајќи ги промашувањата на гостинскиот тим, па со головите на Велинов и на Наумов стигна до значајни три бода.
ПМФЛ резултати 22.коло:
Младост Ц.Д. – ВАРДАР 0-3
Металург – Шкендија 0-4
Шкупи – Силекс 1-0
Брегалница – Хоризонт Т. 2-0
Вчера играа:
Работнички – Ренова 0-0
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.