Недела е твој ден, ден кој треба да биде резервиран за сопствените желби и потреби. За една група луѓе недела е ден за природата, за планините, за авантуризмот. Членовите на фејсбук-групата „Ај лав хајкинг -груп Маседонија“ (I love hiking – group Macedonia) велат дека се зависни од природата. Затоа недела е ден кога ги оставаат сите фамилијарни обврски и го користат својот момент – момент за дружба и за авантуризам. Меѓу два викенда, во период кога се максимално ангажирани околу организација на нова авантура и ново искачување на некоја планина, разговаравме со Дејан Доневски и со Александар Богдановски, едни од главните организатори на оваа фејсбук-група. Разговорот со нив беше вистинско уживање и, секако, осознавање на сосема поинаков начин на живот исполнет со несекојдневни ситуации и искуства.
– Сѐ уште сме неформална група „Ај лав хајкинг -груп Маседонија“ (I love hiking – group Macedonia) и функционираме само на „Фејсбук“. Во неа активно се вклучени повеќе од 1.000 луѓе кои ги сакаат природата и планините. Секако, целта е да излеземе од стереотипите на оние постојните планинарски групи. Сакаме да направиме нешто многу поголемо, со целосна афирмација на многу луѓе, да ги поттикнеме да ја сакаат природата и да уживаат во неа. Сега засега ни оди одлично и во овие три години, откако го започнавме овој начин на живот, бројот на приврзаници е сè поголем – коментира Дејан.
Нивната група нема никакви граници и ограничувања. Велат, сите професии се застапени нема поделби, ниту по вера, ниту по нација. Сопственици на фирми, филолози, инженери, лекари, професори, адвокати, спортисти, новинари се само дел од кругот на луѓето што заеднички ги поминуваат викендите.
– Приврзаноста доведува и до раѓање на љубови, врски. Важно е што знаеме што сакаме, што ни е целта. Сите исто размислуваме и посакуваме ова да трае – вели Дејан.
Сите овие луѓе си имаат свој приватен живот. Некои и се фамилијарни, некои доаѓаат сами, а некои со целото семејство. Планината им како вентил и „бегање“ од секојдневните обврски. Тежината на настанот што го организираат е различен. Некогаш се прават потешки тури, а тоа членовите го знаат. Однапред се свесни дека предизвикот за тој викенд е огромен залак за нив.
– Организацијата не е секогаш на исто ниво. Сѐ зависи до кој степен е турата, тешка, средна или лесна. Понекогаш однапред се знае дека на еден настан не може да дојдат сите членови. Имаме и многу нови членови кои се приклучуваат на лесни тури и сѐ додека не добијат соодветна обука не можат да присуствуваат на потешките искачувања бидејќи и немаат соодветна опрема и доволно искуство. Има група од 25 луѓе која ги посетува сите организации и која поседува секаква опрема, од специјални чевли, облеки, јакни, јажиња. А собирањето започна сосема спонтано, секој индивидуално се качуваше на планина. Се среќававме таму, комунициравме, се дружевме и почнавме заедно да се организираме – раскажува Александар за почетоците на функционирањето на групата.
Главно, првите членови на групата биле луѓе од Скопје, бидејќи, како што велат, Водно е местото каде што најчесто можат да се видат планинари. Но се приклучуваат и групи и поединци од други градови. Секогаш подготвена за нови авантури се групите од Велес, од Кочани и од Битола.
Позитивна енергија, активност, забава
Активностите за време на викенд за Александар се едно поинакво трошење на енергијата, поинаков спорт, ден кога цел ден си ангажиран и уживаш во природата.
– Го користиме секој викенд да организираме нова тура искачување на планина. Целиот настан поминува во дружба, смеа, забава. Сите заедно функционираме, заедно делиме храна,опрема, разменуваме животни искуства. Се случува следниот ден да не можеме да функционираме поради физичкиот замор, но два дена подоцна веќе сме среќни, фокусирани, освежени и веднаш почнуваме да размислуваме за следниот викенд и за следна организација. Тоа нѐ исполнува – дополни Александар.
„Ај лав хајкинг -груп Маседонија“ досега има повеќе од 100 организирани искачувања на врвови. Минатата година од 52 викенда имале дури 50 организирани искачувања на планина и освојување на врвови. Се случува на тие тури да дојдат и по 150 луѓе.
– Секој член во групата се финансира од сопствен џеб. Се случува да договориме искачување на македонска планина и сумата што е потребна да е многу мала. Патните трошоци ги делиме еднакво, а тие не се повеќе од 500 денари. Има случаи каде што организираме и патувања во странство со преноќување. Тоа секогаш се случува во планинарски домови кои однапред ни се договорени бидејќи со локалните планинарски друштва имаме одлична соработка и го најавуваме нашиот престој таму. За организација на такво нешто сумата е, секако, поголема, но никогаш повеќе од 50 евра. Сега засега е само во околните држави бидејќи не можеме финансиски да го покриеме целиот настан. Но посетуваме и бањи и културни знаменитости кои се наоѓаат на планина. Едноставно, целта е дружба со многу луѓе кои се дружељубиви и кои сакаат да искусат нешто ново во животот. Тоа засега е одлично прифатено и бројката е сѐ поголема – вели Дејан.
Кога ќе стигнеш до целта ги забораваш сите тешкотии
Групата на Александар и Дејан е активно вклучена во организација на традиционалното искачување на Голем Кораб по повод државниот празник 8 Септември, тура во која учествуваат илјадници љубители на природата.
– На последното искачување само преку нашата организација беа вклучени повеќе од 50 луѓе иако целата организација е на планинарското друштво „Кораб“. Ги следиме и другите традиционални искачувања како што е Титов Врв на 25 мај, Љуботен… Некои планинарски друштва мислат дека ние сме тие што им ги крадеме луѓето и не сме во добри односи. Ние само сакаме да афирмираме што повеќе луѓе, не само тие што ќе ги сретнеме на планина. Имаме правила кои однапред се напишани и секој нов член мора детално да ги прочита и строго да се придржува кон нив. Сега засега сите се примерни – низ шега коментираат нашите соговорници.
Велат дека секој нов настан си е приказна за себе и не се повторува. На фејсбук-групата однапред се напишани сите детали за турата што се организира – потребна опрема, храна, финансиски средства, физичка подготовка. Затоа и не може секогаш да ги прифатат сите што сакаат да дојдат.
– Во Македонија ги имаме искачено повеќето врвови. Може да се пофалиме дека одиме и во другите држави кои повеќе или помалку личат на прошетки. Има и лесни, но и тешки искачувања. Во Србија во последно време бевме да ја искачиме Бесна Кобила со посета на Врањска Бања, во Бугарија искачување на највисокиот врв на Балканот, Мусала, на планината Рила и планината Пирин со врвот Вихрен, во Грција на Кајмакчалан и на Олимп со релаксација во Лутраки – Дејан ги раскажува најинтересните тури.
Некогаш подготовките за искачување на поекстремни планини траат со месеци. Искачувањето на Мусала е една посебна приказна во нивната досегашна активност на планините. Велат дека мора да се следат и временските услови и мора да се има поддршка од локални планинарски друштва.
– Бевме група од 15 луѓе и функциониравме како еден. Мора да се поседува опрема за такви услови. Специјални патики за мраз, јакни кои не пропуштаат вода, јажиња, батерии, ракавици, стапчиња. Одевме по замрзнат снег, со огромен ветер. Кога сѐ ќе се заврши и ќе се стигне до највисоката точка, сите тешкотии по пат се забораваат – задоволен е Дејан што за толку кратко период може да се пофали со единство во групата.
Дејан и Александар се фасцинирани од она што го нуди Македонија за алтернативен туризам. Велат Македонија има повеќе планински масиви и врвови од Швајцарија, има одлични услови и повеќе можност за различни искачувања.
– Секако, желба ни е во брзо време да посетиме и да искачиме и некоја друга планина во подалечна држава. Во следниот период ќе организираме полесни тури за повеќе луѓе. Сакаме да се обидеме да искачиме некој врв на Алпите. Дали ќе биде Словенија или Австрија, Швајцарија, тоа подоцна ќе се одлучи. Секако, групата треба да биде подготвена и да е поголема од девет-десет луѓе, затоа што секој си ја знае својата обврска. Доломитите во Италија се прекрасни за искачување, Триглав, Аратат во Турција. Сепак, за тоа е потребна и поквалитетна и подобра опрема бидејќи сите тие врвови се повисоки од 4.000 метри и бараат повеќе напор и енергија. За да се оствари такво нешто мора да се обезбедат и повеќе финансии, но сѐ во свое време – оптимистички го завршуваат нашиот разговор Александар и Дејан.
Подготви: Бојан Момировски
(Текст објавен во 182. број на неделникот „Република“, 26.02.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.