| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија во средина на листата на демократски земји

Македонија е на 73-тото место од 165 земји, според индексот на демократија за 2012 година на лондонски „Економист“. Соседна Србија е рангирана на 66, Бугарија на 54, Хрватска на 50, Грција на 33, Словенија на 28, Црна Гора на 76, Албанија на 90 и Босна и Херцеговина на 98 место.
На врвот на оваа листа се наоѓаат скандинавските земји, односно првата позиција е за Норвешка, потоа следуваат Шведска, Исланд, Данска, Нов Зеланд, Австралија, Швајцарија, Канада, Финска и Холандија.
Северна Кореја е на дното, како најнедемократска земја. Пред неа се Гвинеја-Бисау, Чад, Сирија, Саудиска Арабија, Туркменистан, Узбекистан.
Индексот ја мери состојбата со демократијата во 165 земји, врз основа на пет категории и тоа изборен процес и плурализам, граѓански слободи, функционирање на власта, политичка партиципација и политичка култура.
Македонија од можни десет поени има вкупен резултат 6,16. За изборниот процес и плурализмот 7,75, за функционирањето на Владата 4,64, за политичката партиципација 6,11, за политичката култура 4,38. Највисока оценка Македонија доби за граѓанските слободи – 7,94.
Извештајот годинава е насловен „Демократијата во застој“, и во него се наведува дека голем број од западните земји се борат да ги задржат своите долгогодишни демократски системи поради политичките пресметки, како и жртвувањето на националните слободи во име на националната безбедност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top