Пациентка (60) со тешка форма на вагинален карцином успешно била оперирана на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, објави „Здравство24“. Во интервенцијата учествувале и пластични хирурзи.
Ова е прв ваков оперативен зафат во оваа установа кој следува по едукацијата на хирургот Игор Алуловски во Хамбург. Три месеци се обучувал за светските трендови во неговата област. Претходно бил на обука и во САД.
– Пациентката имаше инвазивен карцином. Се работи за долготрајна операција каде беше неопходен радикален зафат. Сега по два месеци од интервенцијата, пациентката е добра и веќе беше на контрола – вели др. Игор Алуловски од Клиника за гинекологија и акушерство.
Алуловски на клиниката работи тимски со Сашо Стојчевски, кој, исто така, го доусовршувал своето знаење во Хамбург. По нивното враќање направиле тешка и сложена операција кај пациентка која во исто време имала два карцинома. Искуството од странство им помогнало на хирурзите да бидат повешти во работењето, но и да ги споредат искуствата со нивните колеги.
-Обновивме многу знаење, некои интервенции беа заборавени и сега сакаме пак да ги вратиме и веќе овие нови искуства ги применивме кај неколку пациентки – вели д-р Сашо Стојчевски од Клиника за Гинекологија и акушерство
И двајцата хирурзи по враќањето од Германија имаат желба за поголема примена на лапароскопската хирургија, која во светски рамки ја користат кај 50 проценти од случаите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.