Петар Пан, приказната за детето кое никогаш не сака да порасне ќе ја доживее својата премиера во Тетарот за деца и младинци во Скопје утре, на 13 јануари, во 19 часот. Режисер на претставата е Боњо Лунгов, кому ова му е второ поставување на „Петар Пан“, по она во Централниот театар во Софија.
– Но, двете претстави се сосема разлчини. Таа во Софија беше на голема сцена, а оваа во Театарот за деца и младинци ја прават актерите. Овде има врвна актерска екипа и навистина уживам кога работам во Скопје – рече Лунгов, кој веќе 20 години соработува со Тетарот за деца и младинци.
Петар Пан – детето кое никогаш не пораснува е детето што секој од нас сака да го задржи постојано во себе. И што има поубаво од тоа: соништата што ги носиме во себе понекогаш да се исполнат, или пак најчудните авантури кои сме сакале да ги преживееме да ни се случат и од вербата во тоа дека доброто секогаш го победува злото!
– Со многу имагинација, хумор, песни и смеа, гледачите ќе доживеат фантастични моменти во земјата Недојдија. Ќе полетаат со нашите херои со помош на волшебниот прав. Ќе се сеќаваат на игрите од детството на пирати и Индијанци. Ете, тоа е приказната за Петар Пан – велат од Театарот.
Во претставата ликот на Петер Пан го толкува Ненад Митевски, а уште учестуваат и Наташа Петровиќ (Венди), Марија Ѓорѓијовска (Џон), Ана Левајковиќ Бошков (Мајкл), Татјана Павловска Кочовска (Ѕвончица), Винета Дамчевска (Г-ѓа Дарлинг), Предраг Павловски (Г-дин Дарлинг), Мартин Јордановски (Капетан Кук), Драган Довлев (Сми), Мики Анчевски (Нана), Бојан Кирковски (Буцко), Изабела Новотни (Свирчо), Катерина Илиевска Силјановска (Тигрицата Лили), Бујамин Селими, Јовица Видевски (дрвата).
Во претставата ќе има и кукли и актери, а Тања Павловска Кочовска ќе го толкува ликот на Ѕвончица.
– Во оваа претстава Ѕвончица е кукла и ја има и трча насекаде по сцената. Ова е можеби најтешка улога досега – вели Павловска Кочовска.
Таа има само пофални зборови за соработката со Лунгов со кого долго се познаваат и практично работат заедно на сите претстави во Театарот за деца и млади кога тој режира.
– Кај Лунгов нема лоша претстава. Тој има специфичен стил на работа и сѐ е испланирано до милиметар. Привилегија е и чест да се работи со Лунгов – рече Павловска Кочовска.
Асистент на режија и драматург е Маја Енчева, преводот е на Трајче Кацаров. Сценографијата и костимите се на Дијана Прванова, која е и автор на куклите. Музиката е на Михаил Шишков.
– Дали светот може да биде подобар? Ние ќе почнеме со оваа претстава. Нашата цивилизација и светот одамна го заборавија своето детство – вели Братислав Димитров, директорот на Театарот за деца и младинци, најавувајќи ја првата премиера за оваа година во Тетарот.
Лунгов откри дека со Димитров веќе разговарале за следниот негов проект со овој ансамбл.
– Се договоривме да работиме претстава за тинејџери. Тоа ќе биде мјузикл, со многу песна и со многу танц. Оваа публика е најмногу запоставена и затоа решивме дека треба да се направи претстава за нив. Голем ризик е, но ние го прифативме – рече Лунгов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.