| четврток, 6 декември 2018 |

Објавена нова книга од Раде Силјан -„Молитва за Македонија“

Во издание на Книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје, излезе од печат поетската книга „Молитва за Македонија“ од Раде Силјан. На страниците од своето најново дело поетот застапува осумдесет песни, поделени во шест тематски циклуси, кои создаваат неразделна целина, со вдахновени национални пораки.

Во поговорот под наслов „Поезија на префинет лиризам и метафизички квалитети“, познатиот поет и литературен критичар Ефтим Клетников констатира дека, новата  поетска книга на Силјан ги опева отворените рани на нашиот народ. Тоа  е поезија на еден стамен лиризам, на префинета есенцијална лирска енергија, која се темели на индивидуалната и колективната меморија на душата на чиј поетски разбој е исткаена јадровитата ткаенка на поетот.

Раде Силјан е автор на шеснаесет поетски книги, високо вреднувани од страна на литературната критика. Негови дваесет и четири дела се преведени на повеќе странски јазици.

За неговото творештво е добитник на национални и на меѓународни награди, а минатата година беше добитник на државната награда  „Свети Климент Охридски“ за животно дело.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top