| четврток, 6 декември 2018 |

Скопјани ја покажуваат својата хуманост за Најден

Каде е Одделот за интензивна нега? Вие за Најден сте дојдени? – Да, одговарам.

– Не сте први денеска. Цел ден доаѓаат луѓе, носат пелени, влажни марамчиња, играчки – вели вратарот на Клиниката за детски болести во Скопје, кој нѐ пречека на влезот од Клиниката и ни покажува каде е Одделот на кој лежи Најден.

INKUBATOR

Пелени, влажни марамчиња, кремови, играчки, цел ден носат граѓаните на Скопје на клиниката. По веста во медиумите дека бебето Најден е на интензивна нега, но бидејќи нема никого на овој свет и нема кој да му донесе основни работи, скопјани ја покажаа својата хуманост. Самоиницијативно се организираа, собраа пари кој колку може и отидоа до најблиските аптеки да ги купат неопходните работи за  бебето старо едно недела.

Бебето, кое пред неколку дена го најдоа фрлено во двор во Арачиново, со пресечен јазик и ѕверски мачено, покрена лавина од коментари.

– Тешка е состојбата со Најден. Бебињата се големи борци, се молиме за него. Ви благодарам што дониравте – коментираше една од медицинските сестри на Одделот за интензивна нега на Клиниката за детски болести во Скопје. Таа е благодарна што граѓаните донираат тоа што е неопходно, велејќи дека повикот во медиумите многу им помогнал.

Откако беше објавена веста дека бебето од Арачиново преживеало и дека се бори за живот на детската клиника, вработените го крстија Најден и се грижат за него. На социјалните мрежи граѓаните, исто така, се организираа околу донациите за Најден, за кого се надеваме дека ќе преживее и ќе дочека да му се радува на животот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top