Националната галерија на Македонија организираше средба „Разговор посветен на публиката“ со концептуалниот уметник Владо Мартек од Хрватска. Средбата се одржа во објектот Чифте амам, каде што од 24 ноември е поставена изложба на негови дела „Огледалото на Мартек – сетете се на уметноста“.
Кураторот на изложбата Викторија Васева Димеска потсети дека „Разговорот со публиката“ се реализира денеска бидејќи хрватскиот сликар, есеист, поет и концептуалист не бил на отворањето на изложбата.
Мартек потсети дека првпат изложувал во Скопје пред 13 години во Музејот на современа уметност. Кустост на изложбата бил Тихомир Миловац од Загреб, а изложбата патувала низ Европа и од Москва пристигнала во Скопје.
За изложбата „Огледалото на Мартек – сетете се на уметноста“ информира дека има 100-тина дела, стари и нови во различни медиуми. Има слики, цртежи, колажи, асамблажи, песни, текст, скулптури.
– Изложбата ја направив така да и биде интересна на публиката. Секој внимателен посетител ќе види дека тука има нешта во различни медиуми и тоа не е вообичаено. Уметниците обично изложуваат или циклус слики, циклус цртежи посебно, па посебно скулптури…, рече Мартек, кој додаде дека не е само сликар, писател, скулптор, туку е уметник кој ги користи сите медиуми за да изрази некоја идеја. Тоа за него е примарно.
Потсети дека почнал да работи во почетокот на 70-тите години од минатиот век, во добата на концептуализам и оти му е својствено да го преиспитува јазикот на уметноста.
– Мој матичен медиум е поезијата, пишувањето. Од пишувањето на поезија навлегов во ликовната уметност, потенцира Мартек и додаде дека на неговите дела има изрека, парола, текст, а ако нив ги нема, тогаш има апликации, огледала… Главно тоа се мои зборови, а многу од цртежите се како сликовно писмо, нагласи Мартек.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.