| четврток, 6 декември 2018 |

Во галеријата на Куќата на Ѓура Јакшиќ во Белград отворена изложба на теракотните икони од Виница

Во Белград синоќа во боемска Скадарлија во галеријата на Куќата на Ѓура Јакшиќ отворена е изложба на ранохристијанските теракотни икони од Виничкото Кале на Музејот Теракота од Виница.

На изложбата презентирани се 12 копии од уникатните керамички релјефи од 5 и 6 век и осум банери на кои се презентирани 14 мотиви од иконите, кои сведочат за едно длабоко познавање на ранохристијанското учење во Македонија.

– Преку презентација на еден од најзначајните археолошки наоди на Балканот, ранохристијанските теракотни икони, кои се едни од најизложуваните артефакти од Македонија во светот, сакавме и во Белград на најдобар начин да го презентираме и афирмираме македонското културно наследство, изјави Јулијана Иванова директор на историскиот и археолошки музеј Теракота во Виница.

Рече дека со изложбата иконите ќе добијат уште поголема популарност, но и поголем интерес кај научната јавност, бидејќи за нив и после 40 години од откривањето сеуште постојат одредени мистериозности во врска со нивната намена и други научни прашања, кои сакаме на одреден начин да ги поттикнеме.

Изложбата на виничките теракотни икони во Белград отворена е во рамки на манифестацијата „Денови на македонската култура во Белград“ и по повод одбележувањето на десетгодишниот јубилеј од формирањето на здружението на Македонци во Белград „Македониум“ .

Синиша Новевски скулптор и претседател на одборот за култура на Националниот совет на Македонците во Србија рече дека последна ваква значајна изложба на Виничките икони одржана е во 1991 година во Белград.

– Конекцијата на оваа изложба е поврзана со еден од најпознатите српски археолози Милутин Гарашанин, кој во 60-тие и 70-тите години почнува помалку да открива од теракотните икони, што како корелација меѓу Белград и Македонија е значајно за оваа изложба.Теракотните икони од Виница се на ист ранг како што се скулптурите од Лепенскиот вир во Србија, Стоунхеџ од Англија. Затоа сакавме  и имавме цел нив да ги преставиме пред белградската публика, сметајќи дека ќе побудат интерес, рече Новевски.

Изложбата на теракотните икони од Виничкото Кале во Белград ќе трае до 6 декември, а нејзиното отворање го подржаа Министерствата за култура на Србија и на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top