| четврток, 6 декември 2018 |

„Огледалото на Мартек-сетете се на уметноста“ во Националната галерија на Македонија

Националната галерија на Македонија  организираше средба „Разговор посветен на публиката“ со концептуалниот уметник Владо Мартек од Хрватска. Средбата се одржа во објектот Чифте амам, каде што од 24 ноември е поставена изложба на негови дела „Огледалото на Мартек – сетете се на уметноста“.

Кураторот на изложбата Викторија Васева Димеска потсети дека „Разговорот со публиката“ се реализира денеска бидејќи хрватскиот сликар, есеист, поет и концептуалист не бил на отворањето на изложбата.

Мартек потсети дека првпат изложувал во Скопје пред 13 години во Музејот на современа уметност. Кустост на изложбата бил Тихомир Миловац од Загреб, а изложбата патувала низ Европа и од Москва пристигнала во Скопје.

За изложбата „Огледалото на Мартек – сетете се на уметноста“ информира дека има 100-тина дела, стари и нови во различни медиуми. Има слики, цртежи, колажи, асамблажи, песни, текст, скулптури.

– Изложбата ја направив така да и биде интересна на публиката. Секој внимателен посетител ќе види дека тука има нешта во различни медиуми и тоа не е вообичаено. Уметниците обично изложуваат или циклус слики, циклус цртежи посебно, па посебно скулптури…, рече Мартек, кој додаде дека не е само сликар, писател, скулптор, туку е уметник кој ги користи сите медиуми за да изрази некоја идеја. Тоа за него е примарно.

Потсети дека почнал да работи во почетокот на 70-тите години од минатиот век, во добата на концептуализам и оти му е својствено да го преиспитува јазикот на уметноста.

– Мој матичен медиум е поезијата, пишувањето. Од пишувањето на поезија навлегов во ликовната уметност, потенцира Мартек и додаде дека на неговите дела има изрека, парола, текст, а ако нив ги нема, тогаш има апликации, огледала… Главно тоа се мои зборови, а многу од цртежите се како сликовно писмо, нагласи Мартек.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top