| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски: Одложувањето на членството во ЕУ и НАТО не помага за стабилност на Балканот

po

На покана на „Меѓународниот институт Аспен“ министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денеска учествува на форумот за западниот Балкан што се одржува во Берлин. Попоски и неговите колеги од регионот разговараа за две теми од клучен интерес за земјите од Југоистична Европа: евроинтеграциите и бегалската криза.

Според министерот Попоски, Европа останува на принципиелниот став дека сите земји од Балканот ќе бидат членки на Европската унија и за тоа се подготвени да помогнат, но главниот товар ќе падне на земјите аспиранти. ­

-Тоа нема да значи дека ќе се впуштиме во проект во кој Европа ќе ги преземе одговорностите за создавање добри услови за живеење на Балканот, туку дека земјите сами ќе ги спроведуваат реформите. Ние го истакнaваме нашето видување дека е неопходно да се зацврсти тој процес и да се отпочнат преговорите со Македонија и конечно да се заокружи и членството во НАТО бидејќи одлагањето на овие прашања не ја подобрува климата во регионот. Сосема спротивно, доколку барањето за сигурен и предвидлив Балкан е неопходно, час поскоро тоа треба да се случи – изјави Попоски по форумот организиран од Аспен институтот и германското министерство за надворешни работи.

На втората сесија од состанокот на Институтот Аспен во Берлин се разговарало за мигрантската криза. Попоски од своите европски домаќини побарал соодветни информации за плановите на ЕУ во врска со бегалците за да можат земјата и регионот подобро да се подготват за евентуални тензии на главната маршрута преку која бегалците и економските мигранти заминуваат за ЕУ.

-­ Република Македонија е дел од трасата и значајно е да имаме определена предвидливост за мерките што би ги преземале земјите-членки на ЕУ во поглед на одвојување на бегалците од конфликтните региони од економските мигранти. Очигледно е дека не постои клима за понатамошен продолжен прилив на мигранти особено во земјите на прием, на пример, Германија. Но од друга страна, Германија сѐ уште размислува да не презема никакви унилатерални чекори кои би значеле дека бројка од 80 илјади мигранти кои во овој момент се наоѓаат меѓу Грција и Германија би биле заглавени на тој пат – изјави Попоски, според кого за Македонија е неопходно да ги преземе сите мерки за контрола на границите, за насочување на мигрантите и за обезбеднување на што е можно подобар систем за регистрирање на хуман и безбеден проток на беглаците. Во неформалниот дел од состанокот, учесниците ги коментирале последните тензии меѓу Турција како членка на НАТО и Русија по уривањето на рускиот авион на турско-сириската граница, при што од дел од балканските министри било посочено дека сите земји имаат единствен приоритет -членство во ЕУ, но и дека доколку предолг период постои вакуум во евроинтеграциите би можело да дојде до обиди за пополнување на тој вакуум од неевропски земји кои немаат план за членство во ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top