| четврток, 6 декември 2018 |

Едноставна, а скапа култура

Видот зелена салата позната под името ајсберг спаѓа во групата растенија со многу краток период на вегетација. Може да се произведува на различни начини и во сите периоди: рано производство во пластеници, летно производство и есенско-зимско производство (заштитен простор)

Iceberg-Lettuce-1

Во однос на технологијата на производство спаѓа во групата зеленчук што се одгледува на пониска температура. Оптимална температура на никнување е 18 Целизиусови степени, а потоа температурата се намалува на 12-15 Целизиусови степени. На пониски температури (5-10 степени), вегетацијата може да трае и до 90 дена по расадувањето, а на повисока температура од 25 до 30 степени, вегетацијата се скратува и до 20 дена од расадувањето.

Видот зелена салата позната под името ајсберг е растение на долг ден, и за формирање густа розета, односно цврста главица, бара многу светлина. Новите селектирани сорти поднесуваат послаба светлина и пократок ден, поточно услови какви што има во текот во зимскиот период.

Многу е важно при изборот да се внимава која сорта треба да се произведува, бидејќи ако се работи за сорта на долг ден, а се одгледува во периоди со слаба светлина и краток ден, може да дојде до предвремено цветање и неформирање цврста глава, а со тоа и големи загуби во производството.

Растението не бара големи количини вода за одгледување и секогаш треба да има постојана и умерена влажност. Високата релативна влажност на воздухот преку 80 отсто може да предизвика појава на разни болести, па затоа е потребно проветрување. Бара лесни песокливи и пропустливи почви. Од големо значење е да биде почвата обезбедена со храна во површинскиот дел поради краткиот дел на вегетација.Наводнувањето е пожелно да се врши по системот капка по капка, но бидејќи се работи за лиснат зеленчук, треба да се применува и оросување во комбинација со системот капка по капка. Не смее да се дозволи недостиг од вода и да дојде до засушување на коренот бидејќи запирањето на развојот кај салатата многу тешко може да се врати повторно во нормален пораст.

Бербата на салатата се врши со отсекување цела глава (розета) во основата на стеблото. Потоа салатата се зема в рака и се отстрануваат долните листови, кои се оштетени или застарени.Таквата салата е подготвена за пакување. Се пакува во картонска амбалажа, посебно секоја глава, во специјална фолија, која не дозволува брзо испарување на влагата од лисјата. Во кутијата се редат 10-12 броја. Така пакуваната салата се чува и пренесува на пониска температура, а со тоа не се дозволува испарување на влагата. Во такви услови на чување и транспорт салатата не ја губи свежината од седум до 10 дена.

Овој вид салата кај нас е слабо застапен, но согледувајќи ги позитивните карактеристики во исхраната и начинот на одгледување, како и повисоката цена, заслужува значително внимание и ширење на засадените површини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top