| четврток, 6 декември 2018 |

Министерство за земјоделство: Субвенциите се исплаќаат редовно и целосно

Земјоделците секоја година ја добиваат предвидената поддршка. Сумата од програмата за директни субвенции редовно и целосно се исплаќа, соопшти денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

– Земјоделските субвенции се исплаќаат за производствената година. Тоа значи дека за 2016 година треба да се исплатат најдоцна до 30 јуни 2017 година. Тука ќе го посочиме примерот со тутунот, чие производство беше лани, а откупот траеше до 15 овој месец, по што на тутунарите за реколтата 2016 во наредниот период ќе им бидат исплатени 25 милиони евра од Програмата за 2017 година – наведува МЗШВ.

Според Министерството, обезбедени се 100 милиони евра за субвенции во 2017 година, но поради различното толкување на Изборниот законик по последните парламентарни избори дојде до пречки во нивното исплаќање. Сепак, по добиеното позитивно мислење од Антикорупциската комисија и со стапувањето на должност на ново назначениот директор на Платежната Агенција, исплатата продолжува во наредниот период.

– Поради различните изјави и толкувања во јавноста за исплатата на земјоделските субвенции,  МЗШВ информира дека во календарската 2014 година на сметките на земјоделците се префрлени 6,4 милијарди денари или 98,88 отсто од планираните средства, од Програмата за 2015 година се исплатени 6,3 милијарди денари или 97,26 проценти, а лани се реализирани 5,5 милијарди денари што е 97,83 отсто од обезбедените средства согласно Програмата за финансиска поддршка на земјоделството за 2016, информира Министерството.

Задоцнувањето во исплатата за 2015 година, според МЗШВ, се должи на фактот што се воведуваат одредени дополнителни мерки кои произлегуваат од нарушувањата на пазарот на земјоделските производи, со цел да им се излезе во пресрет на производителите за покривање на нивните загуби.

– Од тие причини исплатата на субвециите се врши во две календарски години, но, уште еднаш ќе потенцираме дека се работи за мал процент од вкупната сума од над 100 милиони евра, стои во соопштението од Министерството за земјоделство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top