| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски: Наш интерес е што поскоро да излеземе од политичката криза

поп

Ниедна земја-членка на ЕУ, која досега сметаше дека Република Македонија треба да ги почне преговорите за членство во Унијата, не го сменила мислењето, но факт е дека сега е многу потешко да се заложат за отпочнување преговори со земјата во услови на внатрешни политички проблеми. Наш интерес е што поскоро да излеземе од спиралата на внатрешни конфронтации, за да им помогнеме и на тие што нѐ подржуваат на европскиот фронт.

Ова во интервју за „Радио Слободна Европа“, го истакна министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Во врска со најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите-кандидати, Попоски, меѓу другото, се осврнува на политичкиот договор.

– За нас најголемиот хендикеп и најголемото внимание е предизвикано од внатрешната политичка криза, која, се надевам дека сме на пат да ја надминеме со примена на решенијата кои беа договорени меѓу политичките партии. Дали ние сега ќе бевме во ваква ситуација, доколку ги почневме преговорите во 2007-ма година, е легитимно прашање кое можеме да го поставиме – вели Попоски.

На прашањето за зачестените соопштенија на Русија, во врска со политичката криза во Македонија, за која Москва го обвини Западот, Попоски истакнува дека „има само еден начин за надминување на внатрешните проблеми, со наши сили и со дијалог внатре“.

– Од надвор може да има различни ставови или интереси, но за нас е клучен нашиот интерес, а тоа е целосна интеграција во НАТО и во ЕУ – нагласува министерот Попоски.

За интервјуто на Метју Нимиц за грчкиот весник „Катимерини“, во кое вели дека сега е време за решавање на македонско – грчкиот спор за името, министерот Попоски нагласува дека е време веќе 20 години да биде решен спорот, бидејќи Македонија ги чувствува последиците.

– Нема нови поместувања во преговорите, а во меѓувреме се преземаат мерки за градење меѓусебна доверба за прашања кои не се поврзани со спорот за името – нагласува министерот за надворешни работи Попоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top