| четврток, 6 декември 2018 |

Делев: Се работи на гасификација на Македонија

Ова денеска го истакна Кристијан Делев, заменик министер за економија на дебатата организирана од Институтот Павел Шатев на тема ”Економскиот напредок и бизнис климата во Република Македонија”

Македонија има национална стратегија за гасификација која е донесена пред неколку години и строго се придржуваме кон таа програма за гасификација на државата. Во моментов се работи на повеќе проекти за приклучок во повеќе мрежи со цел Македонија да стане  транзитна држава низ која ќе транзитираат поголеми количини на гас и ќе стане поатрактивна за инвеститорите. Затоа се поднесени повеќе проекти за вмрежување.

Ова денеска го истакна Кристијан Делев, заменик министер за економија на дебатата организирана од Институтот Павел Шатев на тема ”Економскиот напредок и бизнис климата во Република Македонија”.

Делев истакна дека во делот на гасификација претстојат сериозни инвестиции, во моментот трае градбата на кракот од Куманово до Штип. Паралелно на тоа се водат преговори за финансирање  односно во финална фаза е и втората делница од  Штип до Битола.

Тој најави дека набрзо ќе биде објавен уште еден оглас за концесионирање односно за дистрибуција на еден цел регион , Регион 2 и Регион 3,  тоа се сите општини од Куманово до Прилеп .

-Скоро една половина од државата ќе биде концесионирана и тоа очекуваме наскоро да биде објавено бидејќи име објавено интерес од неколку компании, рече Делев.

Додаде дека и претходно имало објавено оглас за тој дел, но огласот бил прекинат бидејќи било на начин на јавно наддавање и се пријавила само една фирма.

– Проектот дополнително се промовираше во изминатиов период, во наредниот период имаме закажано презентации пред неколку компании и се надеваме дека наскоро ќе имаме концесионер за дистрибуција на гас во овој систем, потенцираше Делев.

Тој посочи дека во Македонија има гасификациона линија од Бугарија кон Македонија која не е искористена и за таа цел е контактирана и Бугарија , бидејќи Македонија во изминативе 24 години ја има таа линија, но досега немало никаков договор за користење.

Причината за тоа биле  нерасчистени имотни односи околу оваа линија, кои сега се расчистени  и на Бугарија и е понуден договор за соработка кој се очекува наскоро да биде потпишан и со тоа да се искористи капацитетот што сега го имаме.

За главните коридори , главните гасификациони мрежи , Јужен тек, ТАП  истакна дека се прати состојбата во тој дел која секоја недела се менува.

-Ние активно ги следиме и би сакале да бидеме дел од нив. За Проектот ТАП има веќе голема меѓународна поддршка. Веќе се започнати овде големи инвестиции, со овој проект гас ќе се носи главно од Азербејџан до последната дестинација Италија. Тој гасовод минува многу блиску до македонската граница, околу 37 километри е оддалечен од Гевгелија. Планираме во некоја втора фаза да се приклучиме и на тој проект , истакна Делев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top