Вардар уште еднаш блескаше во меч од Лигата на шампионите, а вечерва во Скопје падна и силниот состав на Рајн Некар Левен од Германија. „Црвено-црните“ повторно го скршија отпорот на противникот во вториот дел и заслужено славеа со 25-19.
Да се сопре еден од најефикасните тимови и да се сведе на само 19 погодоци е вистински подвиг, а вардарци беа ефиксани во нападот и потврдија дека имаат материјал за врвни достигнувања.
Целиот тим дишеше како еден, а колективниот дух го клекна на колена многу фалениот состав од Манхајм.
Петар Ангелов со импресивни одбрани беше првата виолина во компактниот состав на домаќините, а бранеше само во второто полувреме. Дујшебаев беше најефикасен со 7 гола, пред Дибиров со 6 и Тоскиќ со 4. Особено атрактивен беше рускиот цепелин на Шишкарев и Дибиров во вториот период од играта, кој Вардар го доби со 14-9.
Кај гостите извонредно бранеше Апелгрин, а најефикасен беше Ларсен со 7 гола. Вардар е прв по четири кола во Ц групата со максимален учинок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.