Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти „ФХ3Х“ беше дел од ефектите на најновиот филм на Ридли Скот, „Марсовецот“, кој ќе се прикажува во „Синеплекс“ од 1 октомври, еден ден пред американската премиера.
Вселенската мисија на Марс тргнува наопаку и австронаутот Марк Ватни (кој го толкува Мат Дејмон) се претпоставува дека е мртов и е оставен на планетата од страна на екипажот. Ватни се бори да преживее во сурови услови и се обидува да испрати сигнал дека е жив. По откривање на неговиот сигнал, НАСА и научници од целата Земја, заедно со неговиот екипаж соработуваат да најдат начин да го спасат.
Филмот „Марсовецот„ е во режија на Ридли Скот, базиран врз истоимената новела на Енди Веир, според сценариото на Дру Годард.
– На проектот работеа 30 артисти од периодот од март до јули годинава, и беа изработени 207 кадри или 32.25 минути. Филмот не е само оскаровски материјал, туку според мое мислење, ќе биде и најдобриот филм на Ридли Скот во последнава декада, нестрпливо исчекуваме да го погледнеме во целост – изјави Кристијан Даниловски, косопственик и извршен продуцент во „ФХ3Х“, кој за работата на овој проект додаде дека за првпат работеле со техниката „стереоскопик мечмув“.
Директорот за планетарни науки во НАСА, Џејмс Грин работел како советник на филмот заради научна точност. Всушност, научната точност била запазена уште при пишувањето на новелата од страна на писателот Енди Виер, кој темелно истражувал и собирал информации од читателите за да може прецизно да ја долови автентичноста на сите случувања. На пример, процесот на електролиза кој се користи од страна на Ватни се користи од страна на НАСА, исто така, радиоисотопскиот термоелектричен генератор од Кјуриосити е соодветно употребен за греење. Сепак, режисерот Ридли Скот одлучи да не се придржува со прецизна точност до гравитацијата која е 40 проценти помала отколку на Земјата, сметајќи дека тешкото австронаутско одело ќе има доволно тежина за да ја надомести разликата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.