По кусо боледување, вчера во Скопје на 80-годишна возраст почина една од најголемите легенди на Вардар, Тоде Георгиевски.
Георгиевски кој беше голман одигра 239 натпревари за Вардар во периодот од 1950 до 1964 година, кога со златната генерација на најтрофејниот и најпопуларен македонски клуб во 1961 година го освоија и Купот на поранешна СФРЈ, што претставува еден од најголемите успеси во историјата на Вардар и македонскиот клупски фудбал.
Во својата кариера Тоде Георгиевски извесен период настапуваше и заедно со великаните на најтрофејниот македонски клуб, Мете Спасовски и Кирил Дојчиновски. Една сезона бранеше и за ФК Одред од Љубљана, Словенија.
Покрај фудбалската кариера Георгиевски не го запостави и факултетот, па дипломираше на Правниот факултет во Скопје и се до своето пензионирање беше судија во Врховниот суд на Македонија.
Погребот на Тоде Георгиевски беше денеска на Градските гробишта Бутел во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.