Одделението за малолетничка деликвенција и семејно насилство при СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Т.С.(61) поради постоење основано сомневање дека сторила кривично дело „запуштање и малтретирање на дете“ предвидено и казниво по член 201 од КЗ на РМ.
Како што информира МВР, пријавената во периодот од мај до 1 септември годинава додека била ангажирана како негувателка задолжена за грижа за животот, здравјето и за негувањето на 9-месечно бебе од Скопје, го малтретирала и грубо се однесувала кон него, поради што бебето пројавило проблеми со врескање во ноќните часови, невеселост и нервоза.
– На 20 август таткото на 9-месечното дете ненајавено влегол во домот и ја забележал Т.С. како го удира со рака по лицето, но не изреагирал, сметајќи дека можеби се работи за негов превид. Наредните денови поставил видеокамера во својот дом со цел да го заштити своето дете и да утврди како се грижи пријавената за него, при што на 2 септември ја извадил видеоснимката и забележал дека го малтретира и дека го тепа детето, дека грубо се однесува кон него – со викање, навредување, штипење за рацете, грубо тресење во релаксаторот и во раце, со тегнење на ушите и други облици на грубо однесување – соопшти МВР.
Од страна на татакото е поднесен Записник за прием на пријава и е доставена мемориска картичка на која е снимен видеоматеријал која со Потврда за привремено одземени предмети е одземена и е дадена за вештачење во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, за што е изготвен извештај за компјутерска опрема.
На 9 септември извршен е разговор со Т.С. во кој таа го негирала извршувањето на кривичното дело.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.