| четврток, 6 декември 2018 |

Руни е новиот рекордер по бројот на постигнати голови за „Гордиот Албион“

vejn runi

Репрезентативецот на Англија, Вејн Руни синоќа во мечот против Швајцарија се запиша во листата на стрелци во 84 минута од пенал што е негов 50.гол за Англија и со тоа стана рекордер по бројот на постигнати голови за „Гордиот Албион“
Руни го симна од тронот легендераниот Боби Чарлтон кој овој рекорд го држеше цели 45 години.

По завршувањето на мечот, селекторот Рој Хоџсон во соблекувалната му подари за спомен дрес со број „50“ од репрезентацијата на Англија, истакнувајќи дека очекува од него уште многу погодоци во периодот што следи.

Руни доби огромен аплауз и од соиграчите, а потоа се заблагодари на сите кои имале било каков удел во неговото големо остварување.

– Ова е големо остварување за мене лично, за моето семејство и за англискиот фудбал. Боби Чарлтон и понатаму ќе остане огромна легенда, а јас сум горд што успеав да постигнам 50 голови во дресот на Англија. Се надевам дека овие млади момци, Рос Баркли, Рахим Стерлинг и Хари Кејн еден ден ќе ги надминат и овие мои бројки. Сакам да им се заблагодарам на сите мои тренери, соиграчи, раководни луѓе со кои сум соработувал, сите имаат своја улога во овој нов рекорд во англискиот фудбал – изјави Вејн Руни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top