| четврток, 6 декември 2018 |

Имаше име Ајлан Курди и имаше само три години!

абдула

Петгодишниот Галип и тригодишниот Ајлан Курди заедно со нивната мајка Рејхан (35) загинаа откако преполнетиот чамец се преврти, близу до грчкиот остров Кос. Во обид да избегаат од хоророт во Сирија тие ги загубија животите. Нивниот татко Абдула преживеа. За првпат по ужасната трагедија што го потресе светот, тетката на децата, која живее во Канада, ја раскажува нивната приказна.

Таа вели дека барањето на семејството за визи за Канада во јуни било одбиено. Тогаш ја донеле одлуката со помош на шверцери да се обидат да заминат од Кобане и да влезат во Европа. Двете деца не носеле појаси за спасување и немале никаква шанса да преживеат по превртувањтео на преполнетиот чамец, 30 минути откако тргнале од Бодрум.

– Ја слушнав страшната вест во 5 часот утрото – вели тетката на децата, Тема Курди, за „Нешнел пост“. Таа вели дека за трагедијата дознала од Гусон Курди, сопруга на другиот брат Мохамед, која зборувала со таткото на несреќните дечиња.

– Абдула и се јавил и сè што успеал да каже било – мојата сопруга и двете деца се мртви – вели Тема. Абдула бил бербер во Дамаск, но сонувал да го префрли семејството во Канада каде што би почнале нов живот. За илегалниот транспорт платил 4.000 евра.

– Jас и моите роднини и соседи одовде сторивме сè да добијат виза но не успеавме, затоа решија да тргнат како бегалци на пат – вели Тема. Таа вели дека Абдула сега сака да се врати во Кобане за да го погребе своето семејство. Тој сака да биде погребан покрај нив. Во трагедијата по превртувањето на чамецот во која загина неговото семејство загинаа уште 10 бегалци, меѓу кои уште три деца.

Абдула успеал да доплива до брегот. Во вториот чамец загинаа уште осуммина. Вкупно 175 бегалци се обиделе да пристигнат до грчкиот остров Кос со 12 чамци, но не успеале, сите се вртаиле во Бодрум – вели еден од нив, Омер Мохсин. – Секој од нас плати по 2.050 евра. Чамецот во кој се качивме беше за десет лица, се качивме 17. Потона веднаш штом излеговме на отворено море. Тие што не знаеја да пливаат немаа шанса – вели тој. Стравува дека неговиот брат Бекир се удавил.

Во текот на годинава, околу 3 000 бегалци го загубија животот во водите на Медитеранот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top