Македонија има одбојкарски императори, има златни момци кои имаат нескршлив и победнички дух и играчи кои ја декласираа Естонија со 3-0 во полуфиналето од Европската лига.
И сето тоа го сторија по 30-часовен пат до Полска со автобус, по многу маки и невидено патешествие, речиси заборавени од сите, оставени сами на себе. Но, јуначки ги надминаа сите проблеми и пречки и ќе играат со Словенија за титулата во Европската лига, а веќе обезбедија настап и во третата група од Светската лига. Избраниците на Жарко Ристоски вечерва испишаа историја, вистинска спортска бајка и се изборија за невиден успех.
Почнавме со бомбите на Јовица Симовски и на Никола Ѓорѓиев, а се приклучија и останатите јунаци па успеавме да го добиеме првиот сет со 25-23. И во продолжението бевме подобри од репрезентацијата што не победи на двапати во фазата по групи, па корпулентните Естонци зачудено го гледаа семафорот на кој веќе пишуваше 2-0 во сетови за Македонија. Вториот сет го добивме со 25-22, а идентично беше и во третиот сет, па ќе играме со Словенците, селекција која со две победи против Грција ни помогна да играме на заврѓниот турнир во Полска.
Словенците ја надиграа Полска во првото полуфинале со 3-0 во сетови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



