Mакедонија е земја на традиции, обичаи и на бабини деветини. Некои од нив логични и со право зачувани низ години, а други празноверни, но, сепак, за „не дај Боже“ применувани.
Такво е и верувањето за престапната година, за која народот верува дека сѐ што се прави во неа ќе има кус рок, иако годината има еден ден повеќе. Во престапна година не се прават венчавки и свадба, ниту се гради куќа.
Порано, особено во селските средини, многу внимавале на ова „ правило“, но венчавањето во престапна година и ден денес сѐ уште се одбегнува. Искуството покажало дека дури и интелектуалците и образуваните луѓе се суеверни, па свадбите се прават околу оваа година.
Како и сите години пред престапна година, така и оваа 2015 бројот на венчавки е зголемен. Сите што сакаат да се земат, гледаат тоа да го направат до крајот на годинава, или, ќе „мора“ да чекаат уште една година плус.
Сакајќи бракот да не им тргне во баксузна година, засега имавме исполнета година со свадби, посебно кај јавните личности во Македонија.
Свадбата на годината, барем што се однесува на познатите, е таа на „немирната ко ветер“ Тамара. Најмалата од семејството Тодевски од јуни годинава е сопруга на Александар Димитровски – Мачка. Момчето што ја скроти пејачката е поранешен кошаркар и сегашен угостител, во познат ресторан на кејот на Вардар.
Васко Тодоровски, познатиот комичар од триото „К-15“, во февруари се потпиша во матично со својата избраничка Марија Христова. Колку што имаше честитки за неговото (конечно) напуштање на ергенскиот живот, толку имаше и воздишки што тие среќата ќе ја бараат во Австралија, а Македонија ќе остане посиромашна со еден незаменлив Тошо Малерот.
Уште еден скопски ерген во февруари „ја врза клучката“. Некогашниот член на групата „Нови дечки“, менаџерот и инспектор Владимир Ристов, попознат како Камењар, на почетокот на годината се ожени за Нина, со која со години беше во врска.
Кога сме кај познатите од деведесеттите години, тука е и Мартин Трпчевски, поранешен македонски водител, најпознат по емисијата „99 екшн“, кој овој јануари се заколна на вечна љубов со неговата избраничка Моника Трпковска.
Меѓу водителките што облекоа венчаница, пак, се најде и поранешната манекенка Бона Пауновска, која се омажи за своето долгогодишно момче овој март. Водителката замина со својот сопруг Филип да живее во Флорида.
Овој мај се омажи и познатата манекенка Маја Сашек. Убавата Сашек склучи граѓански брак со поранешниот скијач, денес познат фотограф Дејан Пановски, со кого долго време беше во врска.
Во осмиот месец од бременоста „да“ кажа уште една манекенка. Александра Накова се омажи овој мај во родната Гевгелија. Нејзиниот избраник, сега татко на нејзината ќеркичка, е кошаркарот Никола Гајдаџиев.
Најсуеверни, пак, се покажаа спортистите, кои годинава се најмногубројни зетови.
Македонскиот ракометен репрезентативец Гоце Георгиевски пред само неколку дена стапна на лудиот камен. Тој ја круниса долгогодишната врска со Симона со брак, а во традиционалното „земање на невестата“ учествуваше и неговиот долгогодишен соиграч од Металург и репрезентативен колега Филип Миркуловски.
Во тавче скокна и еден друг млад репрезентативец, но фудбалски. Александар Трајковски, напаѓачот на фудбалската репрезентација на Македонија се ожени за својата долгогодишна девојка, Србинката Александра Урошевиќ.
Mакедонскиот фудбалски репрезентативец Кристијан Наумовски е уште еден во низата спортисти, кои ова лето му ставија крај на ергенскиот живот, откако на 17 јули стапи во граѓански брак со својата сопатничка Симона, инаку сестра на хокеарот Кристијан Ташевски, членот на Металург и на нашата репрезентација.
Капитенот на ФК „Хоризонт“ Турново Сашко Пандев, брат на најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев, се ожени за ќерката на сопственикот на овој фудбалски клуб, Ивана Тодорова. Големата свадбена веселба се одржа на крајот на јуни во Струмица.
Фудбалерот Јован Костовски, пак, се ожени за познатата манекенка и лото-девојка Маја Ристевска.
Меѓу спортистките, останува забележана свадбата на нашата најдобра каратистка Наташа Илиевска. Нејзиното долгогодишно момче Никола Јордановски на почетокот на 2015 година ја побара за жена, а овој јули во присуство на најблиските роднини и пријатели се славеше нивната љубов.
Меѓу политичарите, годинава, за чудо, поретко се посетуваа матичарите. Единствено во април своето „да“ го кажаа амбасадорот на РМ во Франција, Агрон Буџаку, и Мери Николова. Освен што се славеше љубовта, се прослави и роденденот на нивната деветгодишна ќерка. Николова и Буџаку имаат и шестгодишен син, Марк.
Ирците имаат целосно спротивно верување од Македонците
Во Ирска, Финска и во Шкотска, жените смеат да им предложат брак на мажите, но само во престапна година и тоа на 29 февруари.
Според една стара ирска легенда, света Бригида, ирска калуѓерка од петтиот век, го замолила свети Патрик, светецот-заштитник на Ирска, да им даде дозвола на жените да им предложуваат брак на мажите, по многубројните поплаки од немажените жени, чиишто додворувачи биле премногу срамежливи да ги запросат. Свети Патрик се согласил, но дозволил тоа да биде само на 29 февруари, односно еднаш на четири години.
Ова верување почна да се применува и низ повеќето делови од светот по филмот „Престапна година“ од 2010 година, романтична комедија за Американка што патува во Ирска за да го запроси своето момче.
И Севе е суеверна
И Северина ќе заврши работа годинава. Познатата хрватска пејачка ќе стане српска снаа со презиме Којиќ. Севе и нејзиниот 15 години помлад Игор, инаку син на српскиот фолкер Драган Којиќ – Кеба, ќе склучат брак во септември. Свадбената веселба ќе била со многу гости, а венчавката комбинација на српски и на далматински обичаи.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 151. број на неделникот „Република“, 24.07.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.