Интересот кај француските туристи за посета на Македонија и охридско-струшкиот регион расте. За нив е битен пречекот од угостителите, но и познавањето француски јазик, смета директорката на Францускиот институт во Скопје Марки Барбо, пренесе МИА.
– За француските туристи и оние од франкофонските земји многу е важен пречекот. Кога ќе дојдат во еден хотел или ресторан, иако сите зборуваат англиски овде и не е проблем да се разберат, би било поубаво кога би можеле да ги пречекаат на француски јазик. Познавањето француски јазик за дочек на француските туристи е многу битна работа, рече Барбо, посочувајќи дека интересот кај французите би бил уште поголем доколку нашите хотелски работници би говореле вториот официјален јазик во Европската унија.
Она што ги привлекува гостите од Франција да ја посетат земјава, според неа, е преубавата природа, планини, извори, езера, културните манифестации и знаменитости.
Според весникот на професионалните туристички работници „ТуристМаг“, лани биле регистрирани 14 отсто повеќе француски туристи во споредба со 2013-та година. Минатата година Македонија ја посетиле 5.327 француски туристи со што бројот на ноќевањата се зголемил за 28 проценти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.