Повеќе од 600 доктори во македонските болници имаат најтешка форма на стрес и според медицинската терминологија боледуваат од синдром на „прегорување“, покажало истражувањето на Лекарската комора на Македонија, објави „Здравство24“.
Истражувањето покажало дека повеќе од 600 лекари во македонските болници се рамнодушни, цинични и професионално неефикасни. Лекуваат пациенти, а и самите имаат потреба од лекарска помош. Според медицинската терминологија боледуваат од синдром на „прегорување“. Тоа е најтешката форма на манифестирање на стресот и ваквите личности се емоционално исцрпени. Во комуникацијата со пациентите се незаинтересирани, а тој однос честопати може да прерасне во вербална и во физичка агресивност.
Лекарската Комора на Македонија спровела истражување „Влијанието на условите на работа и работното место врз здравјето на здравствените работници“.
– Кај ваквите лекари има недостиг од професионална ефикасност. Рамнодушни се и цинични и тој синдром е карактеристичен за професии каде што има контакт со луѓе како што се лекарите, но и социјалните работници и новинарите. Високиот стрес на работа и нискиот степен на лична автономија при работењето води до поголема исцрпеност – вели Ленче Неловска, потпретседател на Лекарска Комора.
Комората ги има податоците – на потег се менаџерите на здравствените установи кои треба да проверат зошто нивните лекари работат под стрес. Во согласност со истражувањето е потребно здравствените власти да ги променат и условите на работа кои лошо влијаат на здравствената состојба на медицинските лица.
– Најважно е дека треба да се врати радоста кај овие лица. Овие месеци планираме да спроведеме уште едно истражување за здравствената состојба на здравствените лица. Колку тие се грижат за здравјето и колку се одоговорни како пациенти. Лекарите имаат систематски прегледи и таму има оценка на психофизичката состојба – вели Неловска.
Со истражувањето биле опфатени 6.000 лекари, но одговори дале само 3.000. Дури 90 проценти од нив се од државните здравствени установи, а само 10 отсто од приватниот сектор.
Како резултат на ова истражување, по барање на Комората, Министерството за здравство пред неколку месеци направи измени во Законот и лекарите станаа службени лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Околу 2.000 доктори заминале од Македонија
-
Специјализантите до Заев: Форсирањето за исплата на пари само за одредена група доктори е дискриминаторско!
-
Ова е вистинската причина: Зошто докторите и медицинските сестри на работа носат кломпи?
-
За неколку години Македонија ќе остане без лекари специјалисти



