| четврток, 6 декември 2018 |

Наил: Признавање под уставно име и прием на Македонија во НАТО

­ Поддршка за признавање на Република Македонија под уставното име и влез во НАТО, искажа потпретседателот на парламентот на Нов Јужен Велс, Фредерик Џон Наил по средбата со потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски.

jon-nail

Наил рече дека по неговото враќање во земјата ќе лобира на највисоко ниво Македонија да добие поддршка од Австралија за овие прашања. Милошоски рече дека станало збор за признавање на Македонија под уставното име, за поддршката за влез во НАТО, билатералните односи помеѓу двете земји, за соработката со дијапората, економската соработка… ­

– Разговарвме и за она прашање што Македонија ја интересира подолго време, а тоа е можноста и околностите кога Австралија би можела да го преземе следниот правилен чекор за признавање на уставното име на Република Македонија. Мислам дека од година во година се создава се подобра атмосфера. Имаме се поголем број поддржувачи во Австралија, лобисти, коишто признавањето на уставното име го гледаат како една кауза. Драго ми е што со колегата Наил најдовме заеднички јазик и ја имаме неговата лична, но и морална и политичка поддршка, повторно во кругот на своето влијание да го покрене ова прашање за да може да го даде својот личен придонес Австралија поскоро да ја признае Македонија под уставното име, рече Милошоски.

Билатералните односи меѓу Австралија и Македонија се многу добри, оцени потпретседателот на Собранието. ­

– Не поврзуваат многу повеќе политички интереси. Најпрвин за Македонија е важно што во Австралија живее и активно работи и на политичката сцена една значителна македонска дијаспора, која што има свое право на глас да одлучува не само во австралиската туку и преку избраниот пратеник и во македонската политика. Втората работа од заеднички интерес е збогатување на економската соработка и третата заедничкото пресретнување на интересите преку учеството на наши безбедносни сили во акциите на НАТО. И Македонија како земја кандидат, а особено Австралија како еден глобален партнер на НАТО учествуваат во заеднички операции, рече Милошоски.

Потпретседателот на Парламентот на Нов Јужен Велс Наил рече дека во својата земја ќе лобира за признавање на Македонија под уставното име и поддршка на членството на земјата во НАТО. ­

– Кога ќе се вратам ќе лобирам за македонските интереси во однос на прашањето за името и конфликтот што го имате го грчката заедница. Исто така, ќе се обидам да лобирам во однос на прифаќањето на Македонија како членка на НАТО. Интересите на Македонија би можел да ги застапувам преку Парламентот, државните органи и преку мојот близок пријател премиерот на Австралија, рече Наил.

Во Австралија има позитивно расположение за признавање на земјата под уставното име има, но вели и дека има и конфузија зошто земјата не може да го користи уставното име. ­

– Секаде каде што патувам добивам позитивни одговори и ставови за ова прашање и повеќето се збунети зошто ова прашање не може да биде решено и зошто Македонија не може да се вика со своето име, изјави Наил.

Посочи дека долго време соработува со македонската заедница особено во Сиднеј и дека има добра соработка со црковните групи и другите организации. ­

– Исто така соработувам добро и со грчката заедница и лобирав за едно важно национално прашање за нив и успеав да се дебатира во Парламентот за геноцидот на Грците во Турција во 1915 година, што ми донесе поддршка меѓу грчката заедница, рече Наил.

Наил е долгогодишен пратеник во Парламентот на Нов Јужен Велс. Првпат на оваа позиција бил избран во 1981 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top