Главната теза за градење на новиот ѕид е со две идеи. Првата е да се спречи напливот од бегалци од регионот во Германија, каде што само во последниве пет месеци пристигнале околу 100.000 азиланти (најголем број од Косово и од Албанија) и втората е земјите од Балкан да бидат стабилни и да апсорбираат голем дел од реалните бегалци од Сирија, Ирак и од Авганистан, кои се тргнати кон западна Европа. Македонија како дел од главната маршрута на бегалците, кои од конфликтните зони на Блискиот Исток се обидуваат да стигнат до богатите западни држави, се наоѓа во сериозна опасност да стане земја во која ќе завршат сите такви обиди. Доколку се реализираат заканите од Унгарија, Србија и од Бугарија за целосна блокада на емигрантите од Сирија, Ирак и од Авганистан и ако не запре насилното враќањето на бегалците што успеале да ја поминат северната граница кај Табановце, земјата ќе мора да гради нови бегалски кампови како во 1999 година, кога прими повеќе 350.000 косовски бегалци.
Во услови кога Грција не само што не прави ништо за да им обезбеди подобар живот, туку и намерно ги пропушта да влезат во Македонија, а потоа не сака да ги прими назад како што предвидуваат правилата на ЕУ, земјата се соочува со нова криза, многу поголема од таа во 1999 година. Причините се повеќе. Најважна меѓу нив е што, за разлика од тогаш, кога Косово и бегалците од таму беа една од глобалните меѓународни топ-теми, пред сè поради обидот на НАТО да го симне од власт Слободан Милошевиќ, сега кризата е на маргините на светските агенции. За неа пишуваат медиумите, но нема политичка волја за САД и за ЕУ да се соочат со овој проблем, кој е далеку од нивните граници. Се разбира, поради тоа нема ни активности на високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации, кој во екот на косовската криза располагаше со десетици милиони долари за соочување со Косовците што беа згрижени во Македонија. Се разбира, засега не може да се споредува со таа 1999 година, пред сè, поради многу помалиот број бегалци што патуваат кон Европа, но ако нема промена во пристапот на решавање на работите, наскоро работата може да биде критична. И тука доаѓаме до вториот важен аспект на проблемот, неговиот временски опсег. Според процените на дел од разузнавачките агенции од конфликтните региони на Блискиот Исток (бегалците од земјите од МАГРЕБ патуваат преку траса што води во Италија) на маршрутата преку Турција, Грција и Македонија досега патувале повеќе од 500.000 луѓе (голем дел од нив веќе побарале азил во ЕУ), а на пат се подготвуваат уште еден до два милиона луѓе од Ирак, Сирија и од Авганистан. А процесот на стабилизирање на состојбата во тој регион сè уште нема да почне и конфликтите, најверојатно, ќе траат во наредниве неколку години. Само една десеттина од оваа бројка, дури и таа да биде под еден милион, да остане во Македонија, земјата ќе колабира. Кога се зборува за косовските 350.000 бегалци во 1999 година треба да се знае дека тие не дојдоа сите одеднаш, голем дел од нив беа префрлени во западни земји преку воздушен мост, а како одлична логистика послужија и албанските и ромските семејства, кои прифатија десетици илјади бегалци во своите домови.
Сега ова сценарио е далечно. тешко е да се поверува дека ЕУ или САД, кои и така се на удар на азиланти и на илегални емигранти, ќе организираат авиопревоз за нови азиланти, Албанците и Ромите нема да бидат солидарни со бегалците од Блискиот Исток ниту УНХЦР (која се грижи за 20 милиони други беглаци низ светот и која кубури со пари) ќе може да интервенира во новата евентуална криза. Ако се анализираат бројките на бегалците што ги опишува Унгарија како високи, за нив 3.000 бегалци се премногу, тогаш што треба да значи тоа за Македонија, која нема ни една десеттина од буџетот на официјална Будимпешта. Македонија како една од најсиромашните земји во Европа не може да си дозволи пристојно соочување со која било бројка поголема од неколку стотини бегалци. Секоја бројка повисока од 10.000 бегалци, кои, не по своја волја, би биле стационирани на македонска територија, ќе претставува не само опасен товар за буџетот туку и опасност за националната безбедност. Македонија, едноставно, нема соодветни капацитети да ги нахрани, да им обезбеди сместување, но нема ни можност да ги провери дали се вистински бегалци што бегаат под налетот на војната или, пак, се вметнати активисти на радикални организации што имаат поинакви цели од жртвите на конфликтите. Членките на ЕУ имаат не само морална, хумана обврска да се соочат со бегалците, сите тие се потписници на Конвенцијата за бегалци на Обединетите нации со која се утврдени правата на бегалците и обврските на членките на ОН. Обврската на богатите членки, иако никаде не е наведено, е уште поголема затоа што ако стабилните и богати земји не ја спроведуваат конвенцијата тогаш малите слаби сиромашни и нестабилни демократии никогаш нема да бидат во можност да им помогнат на бегалците.
Западните Балканци по 0,4 евра, Грците по 33.000 евра пари од ММФ
Можно ли е Европа намерно да го остава неразвиен овој дел од Европа со цел да биде своевидна тампон-зона, филтер, на истокот кон западот. Тоа е забележливо не само во оваа кризна ситуација, туку и во делот на поддршката што Европа му ја дава на Западен Балкан за економски развој. Ако постои искрена намера во Брисел да се помогне на овој дел од Европа, во 21 век не се потребни високи ѕидови за да се спречи проток на луѓе. Иако дел од европските земји градат и ваков вид објекти од тула и од бетон, тие не се секогаш неопходни. Ромската населба во Прага пред десетина години, насилното иселување на државјани од Бугарија и од Романија од илегални кампови во Франција пред три години и новата идеја на унгарската влада за блокада на азилантите со метална ограда висока четири метри, се само дел од начините на кои може да се реинкарнира Берлинскиот ѕид. Држење во економска изолација на земјите од Западен Балкан е една од грешките што ги прави Западот не гледајќи дека со тоа само го зголемува незадоволството во регионот и го зголемува бројот на азиланти и покрај тоа што сите земји на Балканот се сметаат за безбедни.
Пред неколку недели европските и регионалните медиуми објавија дека наскоро Европската комисија и ММФ ќе дадат осум милиони евра помош за различни проекти на земјите на Западен Балкан, со други зборови, речиси 20 милиони луѓе во Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина ќе добијат по околу 250.000 евра на секој милион луѓе или по околу 0,4 евра за секој граѓанин на Западен Балкан. Во исто време, во последниве пет години по почетокот на финансиската криза во Европа членките на ЕУ, Европската централна Банка и Меѓународниот монетарен фонд ѝ доделија повеќе од 320 милијарди евра на Грција, земја што со години гледајќи в очи ги лажеше своите партнери за својата економска и финансиска состојба. Тоа значи дека секој од околу десетте милиони луѓе што живеат во земјата постојано (официјалниот број е 11,1 милиони, но повеќе од еден милион живеат надвор од земјата со грчки пасоши) примил по околу 33.000 евра. Се разбира, сумата од осум милиони евра не е реалната што му ја дава ЕУ на Западен Балкан во последниве пет години, но сепак таа ни оддалеку не е колку што ѝ се дава на една земја-членка како Грција. Замислете само една десеттина од парите дадени на Грција да се дадат како долгорочен заем или не дај Боже неповратна помош за земјите од Западен Балкан. Тоа се најмалку една деценија мирен период во кој владите во регионот ќе можат во соработка со ЕУ и со ММФ да иницираат низа инфраструктурни и чисти деловни проекти, кои ќе спречат нови бранови емигранти од овие земји во ЕУ, во исто време ќе ги претворат земјите во подобро место за живеење и ќе ги подготват за влез во Унијата.
(Текст објавен во 147. број на неделникот Република, 26.06.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.