За волја на вистината, човекот што обожува да игра различни улоги, очигледен факт што се темели и на неговото маскирање на струмичкиот маскенбал, изминатата година доби куп улоги од своите советници. Како на филмска лента се менуваа зададените, несоодветни ролји за лидерот. Стартуваше со револуционерната улога на Че Гевара, продолжи со Сноуден, врвот на трансформации го достигна со „црпнатиот“ спасител за да направи страотен лупинг и да стане Скендер-бег… Проблемот е во тоа што сите овие ролји беа одиграни за „Златна малина“. Од Ернесто го одвоија 12 милиони причини, во евра нели. Споредбата со Сноуден ја „исвиркаа“ неговите поддржувачи на прес-конференција за една од петардоидните „бомби“, луѓе платени за правење масовност, но не и да го разберат прашањето на новинарот, кое требаше да го воздигне лидерот. Спасителското во него, пак, беше инстант укинато со најновата улога на супералбанец, при што Агим (Зоран на албански) стана поголем Албанец од Ахмети и од Тачи. Не можете да бидете муслиман и Исус, нели…
Ако досегашните улоги беа одиграни катастрофално, што би требало да очекуваме доколку истиот тој лик се нафати на најновата понуда на кастинг-мајсторот Спасов и ја заигра улогата на Ганди? Неинвентивниот стратег оваа ролја ја наметна со својата издишана, препишана теза за граѓанска непослушност и „гандиевизација“ на отпорот на СДСМ. Вистинскиот проблем се наѕира во очигледната контрадикторност, која вели дека Заев не може да биде Ганди, ниту, пак, социјалдемократите Индијци. Поблиску се до Британци…
„Спасовизација“ поради добра информираност?!
Како и да е, новоспакуваната „спасовизација“ на Македонија беше истресена од ракавот на најпознатиот опозициски спроведувач на анкети, кој ја направи најголемата утка на минатите избори. Токму неговата агенција беше таа што предизборно го прогласи Пендаровски за победник на претседателските избори. Разликата сите ја знаеме, а со тоа и „тапоста“ на обидот на недоветните. Но поголемиот проблем се појави пост фестум. Случајно, а поверојатно не, подоцна на „независната“ „Алсат-М“ се појави необјавена анкета на истата таа агенција „Рејтинг“, јавно мислење за односот на силите во парламентот, направена пред изборите во 2014 година. Анкетата беше одлична, односно го даде речиси реалниот и сегашен сооднос на силите. Ризикот беше во едновременото и силно уривање на тврдењата на опозиционерите за некаков си фалсификат, кој по ОБСЕ им го доурна Хан, па Стејт департментот итн.
Како и да е – фактите велат дека, освен кога сакаат да излажат за да дадат ветер во нечии „восочни“ едра, агенцијата, одвреме-навреме си ја знае работата, т.е. знае да го оцени вистинското јавно мислење. Сомнежот го потврдува и последната изјава на Спасов во која повика на граѓанска непослушност, како единствено и последно средство за можно враќање на посакуваната партиска постава на власт. Низ кулоарите веќе одамна кружат „муабетите“ за резултатите од последните партиски анкети, но и анкети на меѓународната заедница. Според сите нив, резултатот е идентичен и јасен – владејачката ВМРО-ДПМНЕ и натаму е во сериозна, огромна предност во однос на опозицијата, факт што ја оддалечува и прави невозможна мисијата за враќање на власт. Многу веројатно, но социјалдемократскиот спроведувач на анкети дошол до резултатите на своите колеги, особено тие што се нарачани од ЕУ и од САД, па соочен со катастрофата што надвиснува над неговите опозиционери, предлага радикализација на дејствувањата. Очајникот се фаќа за сламка, а доброинформираниот очаен спроведувач на анкети за сламката наречена радикализација. Иако, свесен дека и таа не може да ја надополни опозициската празна гласачка кутија…
Ако може Дракула, може и Ганди
Неспорна е големата веројатност социјалдемократскиот лидер на следниот струмички маскенбал да се маскира во Ганди. Имајќи предвид дека истиот тој беше Дракула, па Огин, па Самурај и што ли не, Ганди и не му е голем предизвик. Едноставно, ќе треба само да ја избричи главата. Мустаќите, наметката, стапот и очилата се лесна задача за сценографите од „Павел Шатев“, кои немаа проблем ниту да додадат 80.000 луѓе на протестот пред владата…
Но улогата што му ја наметна Спасов во реалноста, едноставно ,не му одговара. Прво и основно, бомбаш не станува Ганди, личност што е симбол на пасивниот отпор. Второ – смиреноста и скромноста не се најголемите карактеристики на лидерот од Муртино, ниту, пак, минатиот труд во подобрувањето на човековите права во Јужна Африка. Токму таа земја, за македонскиот „црпнат“ спасител, според негова изјава, беше синоним за дрога и за наркокартели?! За другиот дел од светот е симбол на поделеноста и на апартхејдот, а лидеровиот синоним е подобен за Јужна Америка, но и така – за другиот дел од светот (ОБСЕ, ЕУ, САД) имавме одлични избори во 2014 година, но не и за него…
На идејата за употреба на Гандиеви методи во нивната битка со самозамислениот режим, Спасов беше поттикнат или, подобро кажано, иритиран од, како што и самиот вели, „дискозабавите“, кои требало да се заменат со граѓанска непослушност. Повторно, спроведувачот на анкети е добро информиран за реалниот одѕив на опозициските „забави“ пред владата, кои освен што секоја вечер им носат еден куп сомнителни лица, желни за добра и бесплатна забава, им донесоа и силен потсмев и неодобрување од граѓаните. Нејсе што тоа мнозинство за врхушката и за избраните суперсдсмовци за претседателски кандидати е стока,, спроведувачот на анкети добро знае дека токму тој народ гласа на избори и носи победа. Или во овој, нивни случај – пораз.
Пустата желба на сдсмовските брамани
Поведен од „дискозабавите“, ретроизраз погоден на неговата „постара“ генерација, истиот тој се фати за сламката наречена радикализација и побара:
„Масовно неплаќање сметки за радиодифузија, неплаќање сметки за струја, неплаќање сметки за мобилните оператори, штрајкови на ниско платените работници во странските компании, протести и блокирање на раскрсниците во време на најголемиот сообраќај, блокирање на влезовите на државните институции и создавање свест дека без согласност на опозицијата, Груевски не може да владее“, напиша Спасов. Нејсе што истиот тој зборува за истата таа МТВ, која последните две години за 100 проценти го подобри квалитетот на својата програма (нив ги болат вестите, нели), или мобилните оператори, чијашто минута во нивно време чинеше мало богатство, странските компании, чиишто работни места (платени добро или не) воопшто и не постоеја или, можеби, за блокада на крстосниците на сегашните булевари, кои порано беа само улици…
Како и да е, очајничкиот совет на доброинформираниот спроведувач на анкети има добра подлога во бројките што не ветуваат ништо добро за неговата опозиција, во чиишто „златни времиња“, заслужниот партиец беше генерален секретар на СДСМ, екс-министер и амбасадор. Очигледно, него не го загрижува фактот што ваквите совети, доколку се отелотворат во послушната партија, жедна за каква и да е идеја, ќе остават без плата илјадници луѓе и исто толку семејства. Прашањето е и дали овие доблесни квазиреволуционери ќе ги платат извршителите што ќе затропаат на вратите на партијците, кои ќе се „навеслаат“ на глупавата идеја? Најверојатно ништо од наведеното, разбирливо за ликови што на себе гледаат како на махараџи, или припадници на највисоката каста Брамани – предодредена да владее со толпата и со овците, филозофија далеку од догмата на Ганди, кој освен против Британците се „бореше“ и против оваа општествена појава.
Зборуваме за милионски „нафатирани“ кираџии, тендерџии, моќници и што ли не. Индиската историја дава добар опис на дел од ликовите… Во неа Браманите се дел од кастата, чиешто високо образование им овозможило занимавање со законодавните и правосудни работи, за со време да ги преземат сите поважни занимања во државата („Википедија“). Аналогијата со македонските 90-ти и создавањето или поверојатно – креирањето на македонската квазиинтелектуална и политичка елита, која до ден-денешен со сите средства сака повторно да биде елита, иако сега е добро прочитана, е неспорна. Нивниот елитизам и интелектуалност исчезна исто како и браманите по Ганди. Иако и денеска, истите тие се обидуваат да се врата на своите стари позиции во татковината на „Махабхарата“ и на „Рамајана“… Сепак, на нашите митолошки, и никако поинакви, „дејци“ подобро им одговара грчката митологија. Во одолжувањето на нивната „Одисеја“ од „Павел Шатев“ на „Илинденска“, пак, им застрани и планираната „Деус екс макина“ или Божја рака на која толку се надеваа. Во превод, „државотворците“ (име кои сами си го измислија) ниту меѓународната заедница веќе не ги сака, а ни Хан не ги есапи…
Ресавска школа во СДСМ, пак…
Во недостиг од идеи и оригиналност, контрадикторните брамани вљубени во „папата“ се вратија низ сопствената историја и препишаа. И така, погледот кон иднината е мрачен за партијата, па по линија на помал душевен отпор, со помош на времепловот се вратија во минатото и ископираа уште една неуспешна, нелогична и небулозна идеја. Тоа што Спасов го предлага денеска не е ништо ново. Доколку сега на шега го нарекуваме „спасовизација“ на Македонија, тогаш го нарекувавме „фрчковизација“. Насловеноста на дејствувањето веднаш го открива негативниот и секогаш лицемерно насмеан лик на авторот, кој веќе три години го пропагира кажаното од Спасов. Фактот што овој негов труд останува непознат за граѓаните, зборува доволно за несериозноста и за глупавоста на идејата. Големиот љубител на граѓанската непослушност, кој во своите долгометражни текстови, преполни со интернационализми и со неологизми, кои само нему му се познати, актот го означува со нему милото Г.Н., иако некој лингвист би требало добро да му подобјасни околу создавањето на кратенките и особено за употребата на точките во нив, го пропагира ова во секоја можна пригода, но бадијала… Истиот тој што се потсмеваше со народот од ТВ-студио, паралелно со идолопоклоникот и експерт за сточарство Пендаровски, сега стана идол и на Спасов. Еден од коментарите, пак, кои со препишаните ставови на Фрчковски Спасов ги доби на социјалните мрежи, беше: „Аман, луѓе, ако не ја сакате и не ви одговара државата и народот – иселете се бре!“
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 145. број на неделникот „Република“, 12.06.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.