| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на книгата „Пулсот и времето“ на Ана Јовковска

Пулсот и времето“ е монографска збирка од интервјуа со афирмирани писатели, професори, уметници, активисти, актери, политичари и дипломати. Книжевна архива и креативна селекција на 50-тина интервјуа од околу 500 интервјуа реализирани во ТВ проектот „Пулс“ на ТВ Алфа. Книга која расветлува прашања од интердисциплинарен карактер, анализирајќи ги социо- културните феномени на денешнината

Во МКЦ Клуб Ресторан утре, 9 јуни во 20 часот ќе се одржи скопската промоција на книгата „Пулсот и времето“ на новинарката Ана Јовковска.

Станува збор за монографска збирка во издание на „Силсонс“ од интервјуа со афирмирани писатели, професори, уметници, активисти, актери, политичари и дипломати, реализирани во ТВ проектот „Пулс“ на ТВ Алфа. Книга која расветлува прашања од интердисциплинарен карактер, анализирајќи ги социо-културните феномени на денешнината.

Промотори ќе бидат проф. д-р Ферид Мухиќ, проф. д-р Александар Прокопиев“, Искра Гешоска и проф. д-р Венко Андоновски.

За музичкиот дел ќе биде задолжен Костадин Шурбановски – Шурбе, а за присутните се предвидени изненадувања.

„Пулсот и времето“ на Јовковска е културен документ на едно време. На 500 страници Јовковска прави вивисекција на македонската интелектуална мисла. Книгата е огледало на секој од нас.

„Пулсот и времето“ е книжевна архива и креативна селекција на 50-тина интервјуа од околу 500 интервјуа реализирани во ТВ проектот „Пулс“ на ТВ Алфа. Книга која расветлува прашања од интердисциплинарен карактер, анализирајќи ги социо- културните феномени на денешнината.

Јовковска (1982) е новинарка, водителка, продуцентка, активистка и хуманистка. Авторка е на над 1 000 ТВ интервјуа и текстови од областа на комуникологијата, креативните индустрии, родовите студии и филмот. Креаторка е на ТВ проектот „Пулс“, во кој го промислува и го анализира духот на времето и социо-културните феномени и ги артикулира интелектуалните ставови на мислечките луѓе во македонското општество. Пишува поезија и проза. Активизмот е нејзин начин на живот. Им помага на луѓето за да го оправда своето постоење.

ana jovkovska1

„Фасцинантно! Да се соберат ставовите на толкумина интелектуалци, од најразлични сфери на општествениот семиотички сообраќај, и во секое од над 1000 интервјуа (овде се печати само микро-скромен дел) да се постават вистинските прашања, без да се наметнува сопствениот став, без да се врши насилство над соговорникот – тоа ми се чини како уметност на дијалогот. Ана Јовковска, со своите интервјуа го поместува новинарскиот жанр „интервју“ во повисоки интелектуални, а читливи сфери. Притоа, го исцртува хоризонтот, духот на нашето време. Таа е далечен наследник на дијалозите на Платон, затоа што Другиот, како и таму, е слободен во својот одговор. Сите кои од неа биле интервјуирани, знаат дека таа слобода е еден вид самопознание и дека Јовковска давала само простор за искреност, за поглед во себе“ вели во рецензијата познатиот македонски писател и професор на Филолошкиот факултет Венко Андоновски.

За професорот и писател Александар Прокопиев,  она што ги прави овие разговори поинакви од медиумската поплава на тековните „дијалози“ е успешната авторска стратегија на Јовковска да бранува низ интелектуалните, морални и емотивни капацитети на соговорниците и да ги симнува нивните општествено наштиркани маски.

„Ана Јовковска е една од ретките која во спој на промисленост и елеганција, индивидуалност и шарм, опстои, наспроти секојдневните јавни глупости и опасно заслепената граѓанска свест, како неопходен мислечки новинар. Авторката на тв проектот „Пулс“ што се издвојуваше по својата префинета естетска концепција, се потврди како своевиден трагач по поединечното и општочовечкото. Кога пред 10-тина години првпат и бев гостин во емисијата, Ана, се сеќавам, ми кажа дека е убедена дека архетипски ја носиме слободата во себе. Сега, пред нејзината книга „Пулсот и времето“ сум сведок дека нејзината творечка слобода и креативност се во зрела фаза, а очевиден резултат на тоа е оваа монографија во која повеќе медиуми (телевизија, видео, фотографија) се споени во возбудливи четиво, што едновремено е документ и литература“ вели Прокопиев.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top