Во МКЦ Клуб Ресторан утре, 9 јуни во 20 часот ќе се одржи скопската промоција на книгата „Пулсот и времето“ на новинарката Ана Јовковска.
Станува збор за монографска збирка во издание на „Силсонс“ од интервјуа со афирмирани писатели, професори, уметници, активисти, актери, политичари и дипломати, реализирани во ТВ проектот „Пулс“ на ТВ Алфа. Книга која расветлува прашања од интердисциплинарен карактер, анализирајќи ги социо-културните феномени на денешнината.
Промотори ќе бидат проф. д-р Ферид Мухиќ, проф. д-р Александар Прокопиев“, Искра Гешоска и проф. д-р Венко Андоновски.
За музичкиот дел ќе биде задолжен Костадин Шурбановски – Шурбе, а за присутните се предвидени изненадувања.
„Пулсот и времето“ на Јовковска е културен документ на едно време. На 500 страници Јовковска прави вивисекција на македонската интелектуална мисла. Книгата е огледало на секој од нас.
„Пулсот и времето“ е книжевна архива и креативна селекција на 50-тина интервјуа од околу 500 интервјуа реализирани во ТВ проектот „Пулс“ на ТВ Алфа. Книга која расветлува прашања од интердисциплинарен карактер, анализирајќи ги социо- културните феномени на денешнината.
Јовковска (1982) е новинарка, водителка, продуцентка, активистка и хуманистка. Авторка е на над 1 000 ТВ интервјуа и текстови од областа на комуникологијата, креативните индустрии, родовите студии и филмот. Креаторка е на ТВ проектот „Пулс“, во кој го промислува и го анализира духот на времето и социо-културните феномени и ги артикулира интелектуалните ставови на мислечките луѓе во македонското општество. Пишува поезија и проза. Активизмот е нејзин начин на живот. Им помага на луѓето за да го оправда своето постоење.
„Фасцинантно! Да се соберат ставовите на толкумина интелектуалци, од најразлични сфери на општествениот семиотички сообраќај, и во секое од над 1000 интервјуа (овде се печати само микро-скромен дел) да се постават вистинските прашања, без да се наметнува сопствениот став, без да се врши насилство над соговорникот – тоа ми се чини како уметност на дијалогот. Ана Јовковска, со своите интервјуа го поместува новинарскиот жанр „интервју“ во повисоки интелектуални, а читливи сфери. Притоа, го исцртува хоризонтот, духот на нашето време. Таа е далечен наследник на дијалозите на Платон, затоа што Другиот, како и таму, е слободен во својот одговор. Сите кои од неа биле интервјуирани, знаат дека таа слобода е еден вид самопознание и дека Јовковска давала само простор за искреност, за поглед во себе“ вели во рецензијата познатиот македонски писател и професор на Филолошкиот факултет Венко Андоновски.
За професорот и писател Александар Прокопиев, она што ги прави овие разговори поинакви од медиумската поплава на тековните „дијалози“ е успешната авторска стратегија на Јовковска да бранува низ интелектуалните, морални и емотивни капацитети на соговорниците и да ги симнува нивните општествено наштиркани маски.
„Ана Јовковска е една од ретките која во спој на промисленост и елеганција, индивидуалност и шарм, опстои, наспроти секојдневните јавни глупости и опасно заслепената граѓанска свест, како неопходен мислечки новинар. Авторката на тв проектот „Пулс“ што се издвојуваше по својата префинета естетска концепција, се потврди како своевиден трагач по поединечното и општочовечкото. Кога пред 10-тина години првпат и бев гостин во емисијата, Ана, се сеќавам, ми кажа дека е убедена дека архетипски ја носиме слободата во себе. Сега, пред нејзината книга „Пулсот и времето“ сум сведок дека нејзината творечка слобода и креативност се во зрела фаза, а очевиден резултат на тоа е оваа монографија во која повеќе медиуми (телевизија, видео, фотографија) се споени во возбудливи четиво, што едновремено е документ и литература“ вели Прокопиев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



