| четврток, 6 декември 2018 |

Финскиот писател Рику Корхонен гостува во Скопје

Издавачката куќа „Готен“ организира разговор со авторот и промоцијата на книгата „Медицински роман“ од финскиот писател Рику Корхонен. Разговорот и промоцијата ќе се одржат во рамки на фестивалот „Букстар“, на 20 ноември, со почеток во 20.30 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје.
Рику Корхонен (1972) дебитираше на литературната сцена во 2003 година и брзо стана еден од главните современи фински писатели. Пред целосно да се посвети на литературата, работи како наставник во средно училиште и како предавач по креативно пишување на Универзитетот во Турку.
„Медицински роман“ е прекрасен роман за љубовта, смртта и политиката. Ја раскажува приказната за четири преплетени животни судбини… Крајот на летото во 2003 година е жешко и интензивно на многу начини. Во Ирак, западните сили ветуваат дека во земјата ќе ги донесат демократијата и капитализмот. Далеку од овие битки, во еден приморски град во северна Европа, младиот Никлас многу време поминува во пиење и во грижа за својата девојка Ина, чиј татко умира од рак. Една ноќ Никлас доживува визија што го променува. Верува дека нашол лек за причините за грижите на својата девојка.
Во овој прекрасно напишан роман, Корхонен создава знаменита приказна за преплетените судбини, возбудлива анализа на медиумската војна и духовита имитација на љубовен роман.
За „Медицински роман“ во 2010, Корхонен ја добива Наградата на Европската Унија за литература.
Преводот на книгата од бугарски на македонски јазик е на Борче Георгиев.
Преводот и промоцијата на книгата се поддржани од програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top