Известувачот за Македонија на ПССЕ Роберт Валтер пред Комисијата за следење на обврските на земјите членки на Советот на Европа поднесе устен извештај по посетата на Македонија на крајот од април.
Како што пренесува МИА, членовите на Мониторинг комисијата на ПССЕ вчера биле само усно запознаени со содржината на разговорите на нивната делегација по посетата на Македонија. Притоа не била отворена дебата, со цел да им се пружи шанса на разговорите кои се водат меѓу политичките партии во Македонија. Дебатата е презакажана на ниво на Комисијата во јуни, кога се одржува пленарната сесија на ПССЕ.
Известувачот Валтер во својата официјална реакција по настаните во Македонија повика на одговорност „сите партии избрани во Парламентот да ги надминат длабоките политички и етнички разлики, кои се уште преовладуваат, бидејќи тоа е нивна одговорност“, потсетувајќи на важноста од мирен соживот и интеракција меѓу различните етнички заедници.
Состанокот на Комисијата се одржува зад затворени врати и дебатите исто така се тајни. Потпретседател на оваа Комисија е македонскиот пратеник Александар Николоски, кој учествуваше во нејзината работа во Париз.
Делегацијата на Комисијата за следење на обврските на земјите членки на ПССЕ ја посети Македонија на 28 и 29 април, при што предложи серија мерки за надминување на кризата, по средбите со претставниците на сите политички партии избрани во Парламентот.
Делегацијата на ПСЕЕ притоа уште еднаш потсети дека се убедени дека бојкотот на Парламентот е „тешка грешка, бидејќи во никој случај не може да се смета како соодветна политичка позиција“.
Делегацијата, во која се наоѓаа Стефан Шенах, Алфред Грос и Роберт Валтер, притоа оценија дека изразената загриженост од опозицијата за, како што велат, не функцинирање на институциите треба да биде земена предвид.
Меѓу предложените мерки за надминување на кризата, ПССЕ предложи Парламентот да работи според законските и уставните одредби за пополнување на испразнетите 31 парламентарни места, вклучувајќи и организирање парцијални избори, одвојување на партиските и државните активности, одржување на пописот, поголема слобода и независност на медиумите и создавање парламентарна комисија за да се испита актуелната политичка криза и зајакнување на демократската контрола на разузнавачките служби, во согласност со насоките на Венецијанската комисија.
Советот на Европа притоа, како што се нагласува во Стразбур, е подготвен да и помогне на Македонија. Република Македонија се наоѓа во пост-мониторинг дијалог со ПССЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.