Кој губи има право да се лути, но не и да навредува и да омаловажува. Второто е карактеристика на губитничките „шампиони“, а токму такви испаднаа СДСМ и нивните „апологети“ на квазислободарското движење. Пендаровски, Фрчкоски и редица други елитисти, за потребите на партијата секогаш успеваат да го извадат најниското од себе, секако, во комбинација со природната „дарба“ за деструкција.
Факт е дека луѓето ретко кога учат од туѓите грешки. Вистинскиот проблем настанува кога „одбраните“ или, подобро кажано, „црпнатите“ не научиле ништо ниту од сопствените. А токму така би можела да се сублимира историјата на партијата – неартикулирано и нелогично повторување на грешките, па и на најидиотските, а во последно време и на сценаријата. Црни и темносиви, бели нема во оптек во оваа партија. Шлаканицата што ја добија од истиот тој народ, кој двајца од нив и во јавност го нарекуваат стока, а другите, најверојатно, и подмолно тоа милуваат да го практикуваат само со домашните, ги извади од кожа и помогна во прикажувањето на нивното вистинско, грдо лице. Проблемот е што ова е реакција на канонадата шлаканици. Првата, да не заборавиме, беше референдумот во Центар, а набргу по неа следуваше мини-митингот пред влада, кој падна во заборав и во сенка на собирот пред Собрание. И така, законодавниот дом ја избира владата, а настрана што во него (да не беше исценираниот бојкот на СДСМ) има 123 пратеници, а владиниот кабинет има 26 министри. Случајно или не, има речиси иста разлика со бројот на присутните на собирите од околу 5:1. Токму немоќта да се собере критична маса за каква и да е револуција ги удри од земја социјалдемократските јуришници на кои им е неопходна (за атер на државата) политичка еволуција. Збунетата подзинатост на нивните усти жедни за власт беше набргу заменета со истурениот гнев од нив. Поразителниот неспокој од спознанието за сопствената немоќ го врати стариот, толку природен за нив елитистичко-самоубиствен вокабулар, со кој повторно го обвинија народот.
Стручњакот за сточарство и за безбедносна политика, Стево Пендаровски, во рок од само една година извади уште еден бисер од својата непресушна ризница на ароганција. Како претседателски кандидат народот го гледаше како стока, а сега потиштен од бројките што ја уништија математиката и позицијата на саканата му СДСМ го подели народот на овци и на граѓани. „Се собираат во кафез. Се собираат во кафез како во трло бидејќи лидерот им е пастир“, им изјави Пендаровски на насобраните 300 души пред Влада, во исто време кога околу 100.000 граѓани беа пред Собранието. Но тој не навреди 100.000 луѓе, поверојатно навредата е за најмалку 500.000. Присутните имаат и семејства, нели. Паралелно со неговото безобразно лекување на насобраните му лични комплекси, истото тоа со несмален жар пред екраните на една „независна“ телевизија го правеше неговиот политички гуру и очигледен идол, Љубомир Фрчкоски. Како основоположник на најголемата глупост кажана во историјата на Македонија, позната како фрчкоизација – делење на државата по партиска база и според партиската припадност, високиот претставник на самоизбраната каста за владеење, во своите мизантропски изливи мораше да биде смируван од водителот. Поведени од своите стратези и идоли, пак, на антинародното оро со силен елан се фатија и Соросовите филијали. Комбинацијата на кажаното од нив со аромата на „филантроповите“ милиони ги фрли во тежок творечки занес и немир, кој продуцираше стотина наслови со слична конотација, сите „украсени“ со грдата, исмејувачка конотација на сопствениот народ. Макијавели поцрвени, но, сепак, истурањето на гневот не успеа да го тргне сивилото на признанието на пораз од фацијалната експресија на опозициските јуришници и извртувачи.
Димитров: И полжавите оставаат некаква трага, а ние?
Сѐ помалку имам желба да коментирам актуелни ликови и настани затоа што тие самите себе најпрецизно се коментираат, вели драматургот Братислав Димитров. Освен тоа, не се чувствувал ни компетентен.
ДИМИТРОВ: Работата е отидена дотаму што треба под итно да се побара мислење од стручни лица, а тоа во случајов се психолози, психоаналитичари и бајачки. Ние, обичните смртници („стока“, „овци“ и слично, според нивниот речник) можеме само да се чудиме и восхитуваме на нивната упорност да се вратат на власт по која било цена. Нивната основна девиза е: „Јас сум најпаметен, најсилен и најубав. И сето тоа јас самиот сум го открил!“ Според нивната логика, старата мома не успеала да се омажи, а стариот ерген успеал да не се ожени. Можеме да редиме безброј примери на вакви ментални пируети и екскурзии, но едно е сосема сигурно: Човек што постојано и без мерка критикува сѐ, длабоко во себе е незадоволен од самиот себе! Слободата не се дава на тацна и не се мачка на леб. Слободата е духовна состојба, ментална хигиена, која подразбира строг и принципиелен етички поглед кон себе, а дури потоа кон надворешниот свет. На крајот, сите нас ќе нѐ „црпне“ Горнион, но што ќе оставиме зад себе? И полжавите оставаат некаква трага, а ние?
Станковски: Израз на крајно нехаризматичен и неуспешен политичар
Еден крајно нехаризматичен и неуспешен политичар, во голема мера гротескен, подложен на фројдовската анализа за проекција на фрустрациите, кој, всушност, тоа што го има во себе го гледа надвор од себе. Вака уметникот Ацо Станковски го толкува испадот на Пендаровски?
СТАНКОВСКИ: Кога ќе каже „пред Владата има граѓани, а пред Собранието стока“, во контекст на таа инверзна проекција тој, всушност, мисли обратно. Ова негово инверзно мислење може да биде споделено со голем дел од македонската јавност, која на понеделничкиот митинг ја покажа политичката реалност во државата. Не само според бројот, туку и според амбиентот и пристојноста. Конечно, на митингот на СДСМ во неделата еден огромен број луѓе беа платеници, гротескни ликови и профитери од политички кризи. Потоа, според знамињата што се вееја, а мноштвото беа од странска држава, можеме да ја констатираме странската вмешаност и профитерскиот менталитет на демонстрантите. Бројот на демонстрантите на митингот на СДСМ исе покажа неочекувано мал во однос на гигантскиот, можеби најголемиот граѓански собир во историјата на Република Македонија, организиран од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата „За подобра Македонија“. Со тоа, според мене, политичката борба во Македонија е веќе завршена. Резултатите се јасни – при можни избори коалицијата „За подобра Македонија“ ќе победи не со 200.000 туку со 350.000 разлика, а СДСМ ќе биде сосема депласирана и избришана од македонскиот политички хоризонт. Можното вмешување на меѓународната заедница е само губење време зашто нивниот авторитет е виртуелен и неконсеквентен. Тие се тигри од хартија… Време е да се активира правниот систем и да му се стави крај на овој криминално генериран хаос.
Пендаровски и Фрчкоски се ликот на совршениот сдсмовец за врхушката?!
Една работа станува сигурна и полека-полека излезе на виделина. Преку дејствувањата на овие два лика (зборот личност е комплимент) се покажа какви предиспозиции треба да имаат сите тие што сакаат некогаш да станат кандидати за претседател на СДСМ. Со тоа, се откри и фотороботот на совршениот социјалдемократ за врхушката. За нивна жал, дали Пендаровски и Фрчкоски, како најистакнатите претставници, се носители на „најдобрите“ квалитети што треба да ги има перфектниот сдсмовец. А кои се нивните квалитети? Ги има многу, а највидливи се ароганцијата, насобраниот гнев, цинизмот, надменоста, елитизмот, дрскоста, искомплексираноста и целосното некореспондирање со реалноста. ДНК-анализата, која најдобро би ја направил стручњакот на ЦСИ од Муртино, би покажала чудно совпаѓање со ДНК на БЦ. Но затоа, пак, за блискоста со нацијата и да не зборуваме. Би одговарала само со микропримерок од македонскиот народ, најголем дел сместен во сигурните Соросови јасли. Од друга страна, блискоста со полицијата им е спојувачка нишка. „Џандарското“ во нив, но тоа старовремското и „милиционерското“, го краси ликот и делото на двајцата посткомунистички атавизми. Ликовите се дебело поврзани со службите на МВР, а и двајцата со атентати на претседател, вториот, за жал, сѐ уште недокажан, но поуспешен од првиот. Постариот и повештиот со зборови беше министер за внатрешни работи во чијшто мандат се случи неуспешниот и нерасветлен атентат врз претседателот Киро Глигоров, за чиешто нерасветлување истиот тој беше награден со позицијата шеф на МНР. Во која било друга земја, во која, меѓу другото, не владеел СДСМ, таквиот прв полицаец дава оставка и заминува во длабок заборав од политичката сцена. Нашиот потсмевач со народните маси, пак, стана министер за надворешни, а потоа и партиски кандидат за претседател. Катастрофалниот неуспех и во трите негови функции или, сепак, само обиди, очигледно дал огромен придонес во личните комплекси, кои постојано ги лекува преку исмевањето на народот и на противниците, а одвреме-навреме и со шлаканица на некоја девојка на паркинг. Вториот штитеник на елитистичката школа од екс Бихаќка има многу поскромна политичка „кариера“ и сега е во фазон на лажно претставување на натпартиски човек, или кандидат, или организатор на НВО…
Што и да е, само да е над. Тој „случајно“ веднаш по завршувањето на високото образование стана раководител на секторот аналитика во МВР, па портпарол на МВР, за да продолжи како шеф за национална безбедност и главен советник за надворешна политика во кабинетите на Трајковски и на Црвенковски. Слично како и постариот плукач на народот, кој овој помладиот милува да го нарекува стока, овци и слично, имаше „чест“ директно да служи претседател што загина во, благо кажано, чудни околности. И додека Фрчкоски ќе го паметат по очилата „рејбан“ и по коњите, Пендаровски ќе остане запаметен и како тој што не влезе во авионот на Трајковски. Башка како човекот што како претседател на ДИК даде амин за изборот на Бранко Црвенковски за претседател, избори на кои имаше страшни индиции за дузина нерегуларности. Само тогаш немало кој да ги снима, или имало ама ги наплатил? Амнестијата на синот на Верушевски и неговиот ангажман во амбасадата во Рим зборува доволно… Нејсе професорскиот ангажман, најдобрата нишка што ги поврзува двајцата „суперсдсмовци“, сепак, е Бранко Црвенковски. Истиот тој БЦ им беше силна поткрепа и поддршка во „кариерата“. Со него силно ги поврзуваат и карактерните особини, па не случајно се неговите најомилени партиски деца, помладиот и со иднина да биде новиот лидер на партијата, секако, откако „црпнатиот“ од Муртино ќе го даде целиот свој придонес во прикаската. Стручњакот за сточарство е следниот лидер, велат упатените, а по божствената интервенција на папата, спасителот ќе заврши како класична, пресметана и за сите нив многу поднослива колатерална штета…
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 142. број на неделникот „Република“, 22.05.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.