Владо Илиевски ќе игра за Македонија на Европското првенство во кошарка во септември, а искусниот бек и еден од јунаците од Литванија ги повика и Антиќ, Чековски и Гечевски да го следат неговиот пример и да настапат за националниот тим.
„Донесов одлука да играм на Европското првенство. Сакам да им помогнам на помладите на ова големо натпреварување. Го познавам селекторот Џикиќ од времето кога ги бранев боите на Партизан и токму неговото присуство во стручниот штаб е една од причините за мојата одлука за враќање во репрезентацијата. Мојата одлука е донесена. Се надевам дека мојот пример ќе го следат и Перо Антиќ и Ѓорѓи Чековски, а што се однесува до Тодор Гечевски, едвај го натеравме да игра пред две години поради што сега не е реално да очекуваме повторно да ни помогне“, изјави Илиевски за „Спортске новости“.
Враќањето на искусниот организатор на играта ќе ги реши проблемите на Џикиќ на една од најтенките позиции во тимот. Се најавуваше и можен камбек на Лестер Бо Мекејлеб, па останува да се види колку таа идеја е реална, или како натурализиран играч во селекцијата за ЕП ќе остане Американецот Хендрикс, кој одигра одлично во квалификациите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.