| четврток, 6 декември 2018 |

Штајнмаер: Македонија да продолжи по европскиот пат

Frank-Walter-Stein_2811203b

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер синоќа во Берлин изјави дека очекува состојбата во Македонија, по настаните во Куманово, да се смири и земјата да продолжи по европскиот пат.

– Минатонеделниот инцидент ја исплаши Европа. Се надеваме дека тоа што го видовме не е почеток на ескалација и дека властите во Македонија ќе направат напори за целосно и транспарентно расветлување на случувањата. Се надеваме и дека ќе нема други такви инциденти, изјави Штајнмаер на заедничката прес-конференција со шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати.

Тој очекува состојбата во Македонија да се нормализира и да не се создаде конфликт што би довел до отворена конфронтација меѓу етничките заедници или до регионален конфликт.

– Се надевам дека Македонија ќе ја  потврди цврстата волја за приклучување кон ЕУ, а јас не се сомневам дека ќе го избере тој пат. Што се однесува до Македонија, не станува збор за специфична германска, туку тоа е европска грижа. Секое враќање назад на една земја од Западен Балкан, може да се рефлектира врз соседството. Затоа сме заинтересирани не само да ја имаме пред очи Македонија туку сме претпазливи да не се создаде конфликт кој би довел до отворена конфронтација меѓу етникумите. Со мојот македонски колега за ова разговарав на маргините на состанокот на НАТО во Анталија. Му кажав дека најдобар начин, најефикасно средство против сомнежите е отворено и транспарентно расчистување на случувањата. Сега треба да видиме дали тоа и ќе се направи – рече Штајнмаер.

И албанскиот министер за надворешни работи Бушати порача дека демократска и стабилна Македонија е важна за стабилноста на Балканот. Според него, територијалниот интегритет Македонија не смее да биде доведен во прашање, а актуелната криза треба да биде решена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top