Доктори, пациенти болни од астма и луѓе кои сакаат да помогнат во подигање на свесноста за оваа болест утре во 11 часот ќе учествуваат во трка на 500 метри која ќе се одржи на кејот на Вардар во близина на „Сити хол“.
Настанот е организиран по повод светскиот ден на астмата, 5 мај, кој годинава глобално се одбележува под мотото „Вие можете да ја контролирате астмата“. Идејата е да се покаже дека болеста не треба да им биде пречка на луѓето кои треба да продолжат да совладуваат кратки и долги патеки и да уживаат во животот со полни гради.
Организатори на овие настани се Македонското здружение за алергологија и клиничка имунологија, Пулмолошкото здружение, Педијатриското здружение, Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија и Универзитетската клиника за детски болести.
Астмата изминативе години го носи приматот епидемија на 21. век и сè почесто на удар се лица помлади од 18 години. Во светот се регистрирани повеќе од 300 милиони случаи, а проекциите се дека до 2025 година тој број ќе се зголеми за 100 милиони. Астмата е хронично опструктивно воспаление на дишните патишта кое е проследено со различни симптоми меѓу кои и тешко дишење, кашлица, стегање во градите и загуба на здив.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.