Амбасадата на Шведска во рамките на Саемот на книгата организира серијал настани поврзани со шведската литературна сцена, оваа година во духот на крими литературата и во духот на прослава на 70 роденден на Пипи долгиот чорап, детска хероина од книгите на Астрид Линдгрен.
Во текот на сите денови од Саемот на книгата, 5-11 мај, на штандот на амбасадата во халата 1, посетителите ќе можат да ја проследат изложбата „Шведската крими сцена” која ќе ги однесе на патешествие низ прекрасниот швајцарски пејсаж, од север до југ, запознавајќи ги со писателите на крими литературата и нивните дела, преведени на повеќе од педесет светски јазици, меѓу кои и на македонскиот и албанскиот.
Истовремено, во периодот од 12-14 часот во детското ќоше на штандот на амбасадата најмладите ќе може да се дружат со Пипи Долгиот Чорап преку приказните за неа, да цртаат и се забавуваат. Во деновите 5, 7, 9 и 10 мај Пипи ќе се чита на македонски јазик, додека на 8 и 11 мај на албански јазик. Оние најхрабрите дечиња кои, како и Пипи, ќе дојдат со различни чорапи, ги чека изненадување.
За средата, 6 мај амбасадата приготви серија настани: покрај изложбата, во 11 часот во Сала 1, шведскиот писател и поранешен дипломат, Андреас Норман, кој на голема врата се проби на шведската крими сцена со својата бестеселер книга „Во разбеснетиот оган” ќе одржи предавање на тема „Што е потребно за да се напише бестселер трилер” (предавањето ќе биде на англиски јазик), а вечерта во периодот од 20-21.30 часот во кафе „Менада” во старата Скопска чаршија, посетителите ќе имаат можност да се сретнат „Одблиску со писателите” Андреас Норман и Игор Станојоски (автор на романот „Гаргара”) и низ дискусија понепосредно да се запознаат со писателското патешествие на создавање на бестеселер книги и да разменат свои искуства и размисли.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.