Шкендија го победи Вардар со 3-2 во петочното дерби на 26. коло во Првата македонска лига, а „црвено-црните“ од Тетово славеа иако повеќе од 75 минути играа со фудбалер помалку. Во 15. минута беше исклучен Стефан Ашковски, што не му беше доволно на Вардар да забележи успех.
Напротив играчите на Шкендија се радуваа на крајот и повторно се вратија на третата позиција на табелата. Странците во екипата на Шкендија беа најзаслужни за победата. Бразилецот Жуниор погоди за 1-0, потоа и поранешниот хрватски репрезентативец Вручина беше прецизен за два гола предност, а во самиот финиш на првиот дел Вардар намали со голот на Ибричиќ.
Глигоров со погодок во 76. минута израмни на 2-2, но бодовите, сепак, заминаа на контото на Шкендија, а јунак на мечот беше бразилскиот интернационалец Јуфо со победоносен гол во 82. минута. Мечот се одигра во Куманово, а претходно беше одложен поради случувањата во Гошинце.
Вардар и покрај поразот остана на првото место на табелата со 58 бода, пред актуелниот првак Работнички со 55 и Шкендија со 44, Ренова има 43 бода, а во битката за опстанок сѐ уште се Силекс со 34, Металург со 32, Турново со 30, Брегалница со 27 и Пелистер со 22 бода. Последен е Тетекс со само 10 бода и без шанси за спас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.